И странските амбасадори во Македонија биле мета на прислушување, ни кажа лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, вели италијанскиот амбасадор во земјава Ернесто Масимо Белели во интервју за Радио Слободна Европа што ќе биде во целост објавено в недела. Станува збор за неколку акредитирани амбасадори во земјава и дел од неколку дипломати кои си заминале од Македонија. Белели вели дека разговарал со неговите колеги од дипломатскиот кор од ЕУ за таквата можност и тие се загрижени поради тоа, иако засега немаат докази за такво нешто.
Ова нè загрижува, бидејќи Виенската конвенција вели дека дипломатите не смее да бидат прислушувани и тоа значи дека и по налог на судиите, дипломатите не може да се прислушуваат.Ернесто Масимо Белели, амбасадор на Италија.
„Па, ние разговаравме со колегите од ЕУ за таква можност, се разбира дека ние немаме никакви докази, бидејќи не сме добиле такво нешто, но кога се сретнавме неодамна со лидерот на главната опозициска партија и тој ми рече дека се прислушувани неколку амбасадори кои се акредитирани тука, и неколкумина од тие коишто ја напуштија земјата. Така што, ова нè загрижува, бидејќи Виенската конвенција вели дека дипломатите не смее да бидат прислушувани и тоа значи дека и по налог на судиите, дипломатите не може да се прислушуваат. Телефонските разговори се наш алат за работа и да испраќаме пораки во нашите земји, така што ни судиите не може да наложат такво нешто“, вели Белели.
Во вакви случаи тешко дека ќе може да го решите случајот по судски пат, пред судот во едната или во другата држава, туку ќе треба спорот да се реши по дипломатски пат, во смисла на решавање на спор меѓу две држави, затоа што претставниците на странската држава што се на мисија во нашата држава фактички ја претставуваат државата, па ваков спор фактички значи спор меѓу двете држави.Беким Кадриу, универзитетски професор.
Тој додава дека нема докази за прислушување на странските дипломати, но доколку таа информација е точна, тогаш тоа е прекршување на меѓународно право.
„Тој рече дека неколку телефони од дипломатскиот кор се прислушувани, јас немам доказ и не побарав доказ за тоа, но доколку е точно, се разбира тоа не е фер начин на играње со други земји“, вели италијанскиот амбасадор.
Според меѓународното право, на претставниците на странските држави им се гарантира имунитет и им се гарантира дека можат слободно да ја претставуваат својата држава, а доколку се покаже дека нивните разговори се прислушуваат, тогаш тоа може да доведе и до дипломатски спор, вели универзитетскиот професор по меѓународно право Беким Кадриу.
„Во вакви случаи тешко дека ќе може да го решите случајот по судски пат, пред судот во едната или во другата држава, туку ќе треба спорот да се реши по дипломатски пат, во смисла на решавање на спор меѓу две држави, затоа што претставниците на странската држава што се на мисија во нашата држава фактички ја претставуваат државата, па ваков спор фактички значи спор меѓу двете држави“, вели тој.
Кадриу објаснува дека виенската конвенција не дозволува прислушување на амбасадорите затоа што тие се сметаат за претставници на странска држава и тоа на индиректен начин значи прекршување на суверенитетот на странската држава. Доколку се воспостави дека во Македонија се прислушувани неколку амбасади, тоа ќе донесе големи политички последици на надворешен план.
„Ние веќе имаме политички реперкусии од аспекти на евроинтеграциите со овие прашања што веќе се изнесоа на виделина, меѓутоа ако има и такви случаи, тоа би значела уште поголема политичка криза и уште поголема политичка изолација за Република Македонија“, вели Кадриу.