Урбано Скопје, оваа среда навечер, по прв пат ќе му каже едно големо и топло „Добредојде!“ на американскиот автор и пејач Марк Ланеган, човекот кој милува да талка по европските друмови и кој на неколкупати музицирал во земјите од регионов. Концертот, организаторот Младински културен центар го најави пред неколку месеци со право насловувајќи го како„настан на сезоната есен/зима 2014 – 2015“ и со тоа буквално цементирајќи го уверувањето дека одамна расчистил со филозофијата на „прпелкање во обичноста“ и храбро, дури честопати одејќи по острицата, наново си ја превзел улогата на еден од малкуте столбови во чувањето на самомислечкиот дух на градот.
Но, да се вратиме на Марк Ланеган кој во петтата деценија од својот живот е една од ретките пројави на светската рок сцена на чија искрена поетика и бескомпромисност, енергија и посветеност, може неизмерно да им се верува.
Тој минатава есен го објави својот нов, деветти по ред, соло албум насловен Phantom Radio, кој, патем, се темели на истите принципи на не помалку успешната колекција на песни „Blues Funeral“ од 2012-та. Продуциран од Алан Јоханес, објавата на виделина наново го вади истиот препознатлив баритон ( за кој мнозина знаат да кажат дека наликува на оној на Том Вејтс) кој ги интонира длабоките вистини излезени од најмрачното царство, како што ќе запишат рецензентите.
„Видов како крвават стапалата на верниците. Видов како се дават цели градови и како умираат цели армии“, пее Ланеган.
А, нам не ни останува ништо друго сем да веруваме во секој збор што го кажува. Впрочем, како што ќе забележат проследувачите, „не постои друг вокал на светот што е толку полн со библиско навестување“. А сето тоа е само дел од мајсторството, затоа што тој и не е толку мрачен, како што го претставуваат.
Негова главна алатка за компонирање на актуелниот „Phantom Radio“ бил неговиот мобилен телефон – поточно една апликација наречена Funk Box. „Овој пат не ни помислив да го приклучам мојот Roland TR-909 и 808“ вели Ланеган „затоа што апликацијата ги има. Ги пишував тапаните со неа, а потоа ја додавав музиката со синтисајзерот или со гитарата.” Тоа се корените на Phantom Radio, надополнет со љубовта на Марк кон краут-рокот, како и од емисијата за њувејвот од 1980-тите на радиото „Сириус сателајт“, негов омилен сопатник додека вози низ улиците на Лос Анџелес.
А, сликите од минатото за него ја раскажуваат приказната за едно проблематично момче од фармерскиот град Еленсбург во државата Вашингтон кое неколкупати лежело во затвор за кражба и за препродавање на дрога. За тоа дека лекарот му кажал дека нема да доживее 30 ако продолжи да консумира толку многу алкохол и опијати... Од таму денес “комплетно стрејт“ Ланеган знае да се пошегувасо тоа дека „ нему хероинот му го спасил животот“.
И уште малку биографски белешки. Со „гранџ“ бендот СКРИМИНГ ТРИС започнал да свири во 1984, за да потем притеснет од честите турбуленции во него ја почне и солистичката кариера.
Првиот студиски албум „The Winding Sheet“ го објавува во 1990 година и тој е создаден по еден неуспешен обид на Ланеган и Курт Кобејн од култните НИРВАНА да снимат EP од преработки на познати блуз-песни. Како многу успешна се покажува верзијата на Ланеган на песната „Where did you sleep last night“ од Лидбели (која подоцна му служи како урнек на Кобејн за верзијата што ќе ја изведат НИРВАНА), но вистинското ремек-дело е следбеникот „Whiskey for the Holy Ghost“ (1993), со кој Ланеган се потврдува како навистина несекојдневен автор.
И потоа биле потребни скоро цели 10 години да создаде албум што ќе излезе од сенката на „Whiskey for the Holy Ghost“. Со одличниот „Bubblegum“ (2004) тој успева да се издигне над маглата од веќе распаднатите СКРИМИНГ ТРИС и од постојаната лична борба со зависностите. Создава нова верзија на блуз: дел акустична, дел со елементи од електрониката. Албумот е во продукција на Јоханес, а на него ќе се најдат и голем број госТИ како Џош Хом, Пи Џеј Харви...
А кога сме веќе тука телеграфски од неговата исклучителна кариера можат да се спомнат соработките со Изобел Кембел ( некогашната пејачка на БЕЛ ЕНД Д СЕБАШЧН), со Грег Дули од ГАТЕР ТВИНС...Тука се и неговите гостувања на албумите на МЕД СИЗН ( супербендот од Сиетел од средината на 1990-тите кој беше составен од членови на АЛИС ЕНД ЧЕИНС, ПРЛ ЏЕМ...) КВИН ОФ Д СТОУН ЕЈЏ... Во близина се и проектите со музичари како АНКЛ, Мартина Топли Брд, Моби, СОУЛСЕЈВЕРС, Мелиса Ауф де Мар.....И, како што педантните биографи знаат да поентираат Ланеган во петте децении живот е потпишан на дури 5О изданија. Факт за почит.
И, конечно нималку не е чудно што тој како поука од времето научил дека „животот е нешто повеќе од секојдневно пишување песни“.
„Со годините многу полесно почнав да откривам какви песни ми лежат, а какви не. Мислам дека станав многу повнимателен. Но, истовремено и помалку активен. Сепак, тоа е убава рамнотежа за човек кој има толку години! Не откачувам толку како на млади години. Кога бев помлад ми беше многу потешко да напишам песна“.