Достапни линкови

Музиката на авангардните Ван Висем и Пејовски во МКЦ


Јозеф ван Висем, музичар.
Јозеф ван Висем, музичар.

Во Младинскиот културен центар во Скопје, во кино „Фросина“, оваа сабота, на 14 февруари, во 21 часот, ќе се случи заедничкиот концерт на холандскиот композитор и иноватор на лаута Јозеф ван Висем, добитник на наградата за најдобра музика на Филмскиот фестивал во Кан, и на македонскиот композитор Александар Пејовски чие дело напишано за оваа пригода, триптихот за две виолини, виола и лента „Јас не сум Шарли – Јас сум Чарли – песот од Вевчани“, ќе ја има и својата праизведба.

Роден 1962 година во Мастрихт, Јозеф ван Висем е холандски композитор, минималист и иноватор на лаута. Инструментот го изучувал на студиите во Њујорк со Патрик Обрајан, а на пошироката публика и е познат по музиката забележана на 13-те соло албуми, бројните колаборациски изданија и компилации и по предавањата на тема „Ослободувањето на лаутата“. Од друга страна Висем е еден од оние творци што милува да биде постојано на пат и малку од времето поминува во својот дом во Бруклин, во САД.

Имаме две убиства, две крволочни убиства, едното е на човек, на луѓе, а другото на животно. Која е разликата? За едниот се почувствува страв од загрозување на слободата за говор, а кај животново што? Нели песот ниту знае да зборува, а ниту некого го интересира тоа.
Александар Пејовски, композитор.

Неговите страсти концерти го имаат одведено низ целиот свет, а има настапувано на престижни фестивали како All Tomorrow’s Parties и Primavera Sound.

Александар Пејовски, композитор.
Александар Пејовски, композитор.

Бил ангажиран од Националната галерија во Лондон да компонира звучна подлога за делото „The Ambassadors“, а има свирено лаута и изведувано гласовни делови за видео-играта Sims Medieval. Во 2013 година ја доби наградата за најдобра филмска музика на фестивалот во Кан за филмот „Only Lovers Left Alive“ на култниот Џим Џармуш. Сем со Џармуш, бележита е неговата соработка со Тилда Свинтон и Зола Џизус, а во последно време ангажиран е да компонира музика за неколку филмски остварувања.

Во 2013 година ја доби наградата за најдобра филмска музика на фестивалот во Кан за филмот „Only Lovers Left Alive“ на култниот Џим Џармуш.

За него беше изработена целосно црна, единствена, барокна лаута, а според рецензентите и водителите на емисијата All Songs Considered на радиото NPR, „неговите композиции се тешки и се сместени во хипнотична темнина.“

Џим Џармуш и Јозеф ван Висем.
Џим Џармуш и Јозеф ван Висем.

За нашиот Александар Пејовски, пак, се знае дека без сомнение е еден од водечките композитори на современа класика во земјава. Квалитетот и квантитетот на неговиот креативен опус во последниве десеттина години не само што го потврдува тоа, туку и го исфрла многу далеку пред повеќемина неговите локални современици.

За него ќе биде забележано дека „секогаш промислен и во здрав контакт со општествено-политичката реалност, а во исто време медитативен и трансцедентен, тој се одликува со истенчено чувство за во исто време комплексна и едноставна музичка убавина. Историјата на музиката (уметноста) ја користи како кист од кој ги црпи боите за своите фантастични дела, а омажите и цитатите на големите композитори му се омилено орудие во досликување.“

Пејовски во оваа пригода, на трагачите на нови звучни возбуди што ќе се соберат во киното „Фросина“ во МКЦ, премиерно ќе им го претстави своето ново дело – триптихот на современа тема за две виолини, виола и лента „Јас не сум Шарли – Јас сум Чарли – песот од Вевчани“.

Иако, како што вели, самиот наслов доволно говори и со секое идно ново толкување всушност се оддалечуваме од суштината и се намалува значењето и важноста на нештата, сепак појаснува дека инспирациите за ова дело му биле постфестумот за „Јас сум Шарли“ и пројавената доза на хипокризија, како и крвавата случка на „карневалот за малтретирање и убивање на животни наречен Вевчански карневал“.

„Двата настани кои што се случија еден по друг, ги поврзав во еден триптих и сметам дека како алузија се доста блиски. Имаме две убиства, две крволочни убиства, едното е на човек, на луѓе, а другото на животно. Која е разликата? За едниот се почувствува страв од загрозување на слободата за говор, а кај животново што? Нели песот ниту знае да зборува, а ниту некого го интересира тоа. За многу помонструозни терористички напади во еден град од светот не се собрале два милиона луѓе, меѓу кои и бројни претседатели и други званичници, фатени за рака да протестираат. Од таму тоа го поврзувам со Вевчанскиот карневал бидејќи и тоа во Париз беше еден вид карневал“, вели тој.

Композиторот дополнува дека праизведбата на делото ќе биде снимана и затоа не е исклучено „Јас не сум Шарли – Јас сум Чарли – песот од Вевчани“ наскоро да биде документирана на носач на звук како дел од неговата идна дискографска објава.

И, да се потсетиме. Роден 1979 година во Скопје, Александар Пејовски дипломирал на Факултетот за музичка уметност. Класична композиција работел со професорот Томислав Зоографски, а џез хармонија и аранжирање со Илија Пејовски. Неговиот опус вклучува камерна, симфониска, хорска, биг-бенд и електронска музика. Напишал музика за три играни долгометражни, дваесеттина кратки филмови и за три театарски претстави. Досега има објавено шест албумски изданија - „Змеј од хартија“, „Homage To The Teachers“, „Norway.Today“, „Дискреирање мантра“, „Le Tombeau“ и „Path“ со составот Тројка (заедно со Владимир Николов и Драган Гоневски), а неговата музика сем во Македонија е изведувана во Хрватска, Италија, Германија, во САД и во Јапонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG