Јашари - Има големи притисоци врз правосудните органи

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јашари - Има големи притисоци врз правосудните органи

Јас не верувам дека има држава во светот каде што правосудните органи немаат притисоци на некој начин, но не би рекол дека имаат притисоци во ваков обем како што имаат кај нас, вели министерот за правда Аднан Јашари во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре, вие сте предлагач на осумте уставни измени коишто се веќе во собраниска процедура, во меѓувреме се јави и Венецијанската комисија, имаше забелешки и евроамбасадорот Орав, кој деновиве излезе со изјава до јавноста во којашто инсистира дека не треба да се брза со уставните измени за кои и Венецијанската комисија имала забелешки. Зошто се инсистира уставните измени токму сега да се донесат?

Предлагач е владата на Република Македонија, не е Министерството, согласно Уставот и законите. Министерството за правда во однос на овие уставни измени е само на некој начин иницијатор, составувач на овие уставни измени. Истите беа доставени до владата за да понатаму се процесуираат до Собранието. Од првата фаза, кога се покренуваше едно такво прашање за изменување на дополнување на Уставот, имавме забелешки и од страна на Венецијанската комисија и од страна на Европската комисија, прво зашто уставните измени се предлагаат во моментот кога најголемата опозициска партија не е присутна во Собранието. Јас и во други мои извештаи и изјави сум рекол и ќе повторам дека се работи за политичко прашање. Не е прашање на министерот зошто токму сега, зашто за отворање на уставни измени, за дополнување, односно измени на Уставот, е разговарано, е усогласено во моментот кога е составена оваа влада од овие два коалициони партнери. Од Ахмети и Груевски во моментот на составување на владата е договорено да се отворат овие прашања во однос на Уставот и во насока на тоа јас навистина немам што да додадам. Но, би сакал да нагласам дека како Министерство за правда направивме сè што е во законска надлежност за тие правни прашања, не за политичките, направиме напори да ги усогласиме сите нацрт предложени амандмани со забелешките на Венецијанската комисија и на Европската комисија.

Деновиве евроамбасадорот Орав повторно излезе со тоа дека и Венецијанската комисија и Европската комисија сè уште имаат забелешки.

Јас не велам дека целосно се усогласени, но велам дека одреден број од забелешките во однос на овие уставни амандмани од страна на Министерството за правда веќе не се тие забелешки и мислам дека колку што имаше можност од формално правен аспект, Министерството ги усогласи уставните амандмани со забелешките на Венецијанската комисија. Иако велам дека сепак има такви прашања што од формално правен аспект не можевме да ги усогласиме, но велам, во однос на нашите надлежности, односно функции, ние како Правда сметам дека го направивме своето.

Евроамбасадорот имаше најмногу забелешки за делот со финансиските зони.

Токму тоа, не само евроамбасадорот, туку и Венецијанската комисија и Европската комисија имаше забелешки во однос на еден таков амандман, меѓутоа во однос на еден таков амандман ние во Уставот, во предлог амандманот што е доставен до Собрание, воведовме само две одредби, едната на некој начин се повикува на можност по усвојување на уставните амандмани да може во државата да се формираат меѓународни финансиски зони, избришани се сите други ставови коишто беа во претходната фаза предложени. Целта е преку бришење пак овој амандман да го усогласиме со забелешките на Венецијанската комисија. И втор став што е предложен е можност во иднина по усвојување на уставните амандмани овие меѓународни финансиски зони да можат да се воведат со закон.

Гласањето во собранието не се реализираше на пленарната седница, практично не е сигурно како ќе се изјаснат пратеници од ДУИ. Има ли усогласеност на партиската и владината агенда?

Колку што јас има информации во однос на усогласеност на агендата, во моментот кога се усогласуваше владината програма од ДУИ беа четворица претставници, јас не сум бил вклучен во едно такво усогласување, меѓутоа мислам дека според моите информации владината агенда начелно е усогласена и со агендата на Демократската унија за интеграција, односно со тоа што ни беше изборна програма на последните парламентарни избори.

Зошто тогаш има пратеници од ДУИ кои можеби не би гласале за уставните измени?

Секој пратеник, со самиот факт што е пратеник, го има тоа дискреционо право во определени случаи. Сепак пратениците се независни на некој начин, иако имаат група, имаат координатор, меѓутоа сепак мислам дека во однос на гласање, одлучување за определени прашања, тие имаат дискреционо право. Јас сепак сум министер, не сум пратеник, не сум координатор.

Прв човек сте на Министерството за правда. Македонија со години по ред паѓа на ранг листата на медиумски слободи што ја прават светски организации, колеги се жалат на превисоки казни што им се досудуваат за навреда и за клевета, случајот Кежаровски го подигна вниманието, не само на домашната, туку и на светската новинарска јавност. Како, како министер за правда, ја оценувате слободата на медиуми во Македонија?

Јас ќе се фокусирам на правниот, а не на политичкиот дел. Прво, како што сите знаат, од 2012 година кај нас има закон за граѓанско-правна одговорност за клевета, односно навреда. Со донесувањето на таков закон имаме декриминализација на клеветата и навредата. Второ, вистина е дека како и при менување на други закони, и во однос на законот за граѓанско-правна одговорност за клевета, односно навреда, има проблеми во примената. Веќе во правда е направена една стратегија за одржување на семинари за судиите што судат граѓанско-правни предмети. Од страна на Министерството за правда во 2014 година се организирани неколку семинари со оваа категорија на судии. Целта беше како подобро да се применуваат одредбите од овој закон во однос на едно такво дело. Пак ќе повторам, има потреба од одржување на вакви семинари во однос на подобро применување на одредени одредби, затоа што сè до 2012 година навредата и клеветата кај нас беа кривични дела.

Во однос на случајот Кежаровски?

Не би сакал да навлегувам во коментари за судски одлуки, затоа што Министерството за правда е дел од извршната власт и не би сакал мојот коментар од ваква функција на некој начин да се сфати како интервенција во една друга власт како што е судската.

Министре, секторот што го водите речиси секоја година има редица забелешки во извештаите на Европската комисија. Толку ли е тешко да се подобри ситуацијата во секторот што го раководите, па речиси во секој извештај старите се препишуваат и се додаваат нови забелешки?

Тоа е вистина, а велат дека од вистината нема бегање. И во последниот извештај на Европската комисија има забелешки во однос на судството. Точно е дека имаме потреба од реформи, односно продолжување на реформите. Впрочем, потреба од реформи имаат и другите земји, потреба од реформи има дури и во една Германија, којашто има многу поразвиен правосуден систем.

Но, во Германија не се зборува за притисок врз судии, директно мешање во работата на судиите, кај нас се зборува за тоа.

Не дека не се зборува, не во таков обем како што се зборува кај нас. Јас не верувам дека има држава во светот каде што правосудните органи немаат притисоци на некој начин, но не би рекол дека имаат притисоци во ваков обем како што имаат кај нас. Во смисла на тоа, како министер за правда, со моите соработници нормално, се согласивме да изготвиме една стратегија за реформирање на правосудниот систем во периодот 2015-2020 година. Веќе се формирани седум работни групи во седум области од правосудството, имаме вклучено и странски експерти и се надевам дека преку една таква стратегија, односно еден таков стратешки акт, ќе дознаеме по кој пат треба да се движи правосудството, односно да се реализираат реформите. Во однос на тие забелешки кои ги анализиравме, дојдовме до констатација дека има и добри страни во овие реформи што веќе се реализирани. На пример, Европската комисија дава позитивни оценки во однос на функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители, меѓутоа од друга страна има забелешки во однос на одговорноста на судиите. Во насока на тоа, како Министерство за правда, би сакал да ве известам дека веќе е изготвен предлог-закон за основање на еден друг орган којшто ќе биде именуван „Совет за утврдување на факти поради дисциплинска одговорност“. Предлог-законот е доставен до влада, се очекува прво да се усвојат уставните измени за после тоа паралелно да се доставуваат до Собрание измените и дополнувања на Законот за Судски совет и предлогот за донесување на Закон за основање на „Совет за утврдување на факти поради дисциплинска одговорност“.