Пратеници за само еден месец само за патни трошоци за одење на работа наплатувале колку што еден работник со минимална плата заработува за цела година.
Тоа е еден сигнал за гласачите, за граѓаните на Република Македонија, дека едно се зборува, а друго се прави.Хасан Јашари, социолог.
На пратениците, покрај платата, им следува и надомест за патни трошоци. Доколку патуваат со сопствено возило, Собранието им плаќа гориво и амортизација на возилата по поминат километар за патување од родното место до Собранието и назад. Тоа значи дека пратениците кои живеат најдалеку од Скопје наплатуваат најмногу пари.
Според истражувањето на порталот Инбокс7, пратениците, од мај 2013 до септември 2014, потрошиле еден милион евра за патни трошоци. Тоа се вкупно 14 месеци, со оглед на тоа што Собранието не работеше три месеци поради избори. Пратениците исто така добиваат и дневници за патување во странство.
Што да каже оној обичен човек којшто тој пратеник го избрал да го претставува?Илија Ацески, социолог.
При тоа, воопшто не е спорно дека тоа е според законот. Сепак, колку е етички оние што ги убедуваат граѓаните дека минималната плата од 9.600 денари месечно е успех, само за патни трошоци да трошат народни пари, за кои еден просечен работник треба да работи половина година, па дури и цела година?
Социологот, професор Хасан Јашари, вели дека тоа е доказ за моралната ерозија во општеството.
„Тоа е еден сигнал за гласачите, за граѓаните на Република Македонија, дека едно се зборува, а друго се прави, а за парите, и Албанците и Македонците, во неморал и во корупција се браќа“, вели Јашари.
Неговиот колега Илија Ацески, пак, вели дека податоците се толку неверојатни што излегуваат од рамките на тоа што е, а што не е морално.
„Тоа е проблемот што тие го донесуваат тоа како Собрание, нема кој друг тоа да го проценува од вредносна и материјална смисла. Тие за себе си направиле нешто што најмногу им одговара, не најмногу, туку претерале. Што да каже оној обичен човек којшто тој пратеник го избрал да го претставува“, прашува Ацески.
Рекордер во наплатата на патните трошоци, според истражувањето на Инбокс7, е пратеникот од Гевгелија, Драги Цуклев, кој за посочениот период наплатил околу 25 илјади евра, односно по скоро 1.800 евра месечно. Пратеничката Силвана Бонева од Струмица, пак, наплатила околу 23 илјади евра.
Бонева на својот Фејбук профил реагира дека надоместокот согласно законот го зеле сите пратеници од партиите на опозицијата и мнозинството, а не само еден пратеник.
„Таков надоместок за амортизација и гориво се пресметува на сите вработени во администрацијата и функционерите скоро 25 години“, пишува таа.