Еколозите против градење во Националниот парк Галичица

Галичица.

Регионот има потреба од економски развој и модернизација на патната инфраструктура, но постојат можни последици од загрозување на природните живеалишта на четири ендемски видови флора и фауна, како и последици врз подземните води и почвата, се наведува во експертската анализа за Галичица.

За изградба на експресниот пат до Албанија, три туристички развојни зони - две во Преспа и една во Љубаништа и ски центар, ќе бидат искористени 395 хектари од Националниот парк Галичица. Сето ова е предвидено со предлог измените на Планот за управување со паркот „Галичица“ во периодот од 2011-2020 година.

Очекуваме од надлежните административни тела да ги прифатат овие препораки и да се оттргнат од спроведување на овие проекти како што се изградбата на патот и туристичките развојни зони.
Александра Бујароска, Здружение на граѓани Форум 24/41.

Александра Бујароска од Здружението на граѓани Форум 24/41, на јавната расправа која се одржа минатата недела во Охрид, посветена на ова прашање, побара институциите да се оттргнат од намерата за спроведување на овие проекти.

„Очекуваме од надлежните административни тела, Националниот парк, од Општина Охрид и Министерството за животна средина, да ги прифатат овие препораки и да се оттргнат од спроведување на овие проекти како што се изградбата на патот и туристичките развојни зони. Дополнително во догледно време очекуваме да се испочитуваат одредбите за меѓународна консултација и да се воспостави комуникација со албанската страна и да се консултира УНЕСКО во однос на заштитата на Охридското Езеро“, вели Бујароска.

Наша цел е преку изготвување на тие измени, со студија, а сега и стратегиска оценка, да кажеме што ќе биде засегнато од природните богатства.
Оливер Аврамоски, раководител на секторот за зачувување на природата во НП Галичица.

Во експертската анализа стои дека регионот има потреба од економски развој и модернизација на патната инфраструктура, но оти постојат можни последици од загрозување на природните живеалишта на четири ендемски видови флора и фауна како и последици врз подземните води и почвата.

По барање на Владата, Националниот парк Галичица, со цел реализација на проектите, пристапил кон измени на планот.

„Наша цел е преку изготвување на тие измени, со студија, а сега и стратегиска оценка, да кажеме што ќе биде засегнато од природните богатства. Целта на консултантскиот тим одградежниот институт е да посочат кој проект какво влијание ќе има врз природата и статусот на паркот, статусот како подрачје на УНЕСКО , светско културното наследство и природно богатство“, рече раководителот на секторот за зачувување на природата во НП Галичица, Оливер Аврамоски.

Борка Ковачевиќ од Градежниот институт на Македонија рече дека пред да бидат испланирани проектите коишто би се реализирале треба да се преземат соодветни мониторинзи.

„Ќе ја анализираме измената на зоните на управување и нивното влијание на сите параметри и квалитет на животната средина, медиуми и области, како и мерките предвидени да се заштити животната средина во однос на тоа кога тоа би се имплементирале“, рече Ковачевиќ.