Достапни линкови

Охриѓани и зимоска ќе ја гледаат Галичица само од дома


Поглед на Галичица од Охрид.
Поглед на Галичица од Охрид.

Патниот правец до планината Галичица кај Охрид и оваа зима нема да се одржува. Охриѓани ќе може да ја набљудуваат планината само од градот.

Додека охриѓани чекаат да се реализираат плановите и најавите на владата за изградба на ски-центар на планината Галичица, локалното население уште една зима ќе помине, а да не може да се искачи до планинската убавица. Причина е патот кој води до Отешево преку Галичица, бидејќи истиот ќе нема кој да го одржува како што беше случај и изминативе неколку зими.
Во оваа сезона повторно е вклучена во програмата, се работи само за Трпејца-Корита во должина од 9 километри и тој пат ќе го одржуваме. Ќе ги користиме и искуствата од минатата година за да не дојдеме до тие проблеми коишто и покрај тоа што беа, сметам дека не беа многу, беа минимални, со оглед дека имавме силна зима, а околу тоа еве сега во моментов на Галичица имаме снег. Таа е планина со непредвидливи моменти кои може да ги донесе.
Јован Митрески, раководителот на ЈП Македонија пат-секција Охрид.

Од охридската подружница на Македонија пат велат дека се свесни за проблемот, но оти истиот мора да биде безбеден во сите временски услови. Раководителот на ЈП Македонија пат-секција Охрид, Јован Митрески вели дека во програмата за работа е вклучен само потегот од селото Трпејца до месноста Корита, во должина од 9 километри.

„Во оваа сезона повторно е вклучена во програмата, се работи само за Трпејца-Корита во должина од 9 километри и тој пат ќе го одржуваме. Ќе ги користиме и искуствата од минатата година за да не дојдеме до тие проблеми коишто и покрај тоа што беа, сметам дека не беа многу, беа минимални, со оглед дека имавме силна зима, а околу тоа еве сега во моментов на Галичица имаме снег. Таа е планина со непредвидливи моменти кои може да ги донесе“, рече Митрески.

Страшо Миленкоски, командир на полициската станица за безбедност во сообраќајот вели дека на тој патен правец во текот на зимскиот период не може да се одвива сигурен сообраќај.

„На тој дел од патот констатирано е дека не може да се одвива сигурен и безбеден сообраќај од причини што покрај недостатоците на вертикалната и хоризонталната сигнализација, истиот не е обезбеден надворешно со заштитни железни огради кои би претставувале опасност за учество во сообраќајот на тој дел од патот“, вели Миленкоски.

Од Македонија пат додаваат дека до Агенцијата за државни патишта испратиле предлог за поставување на пункт во иднина кај планинскиот превој од каде нивните служби би можеле понатака да го одржуваат и остатокот од патниот правец.

Превојот Галичица е на надморска височина од 1.350 метри и е највисок патен премин во Македонија. Неговото одржување е тешко поради недостаток и на соодветна механизација. Планинарите и љубителите на природата сметаат дека добрата патна инфраструктура и функционирањето на овој патен правец преку цела година е основен предуслов за развој на планинскиот туризам во охридскиот регион. Патот ќе биде надвор од употреба до крајот на март.
XS
SM
MD
LG