Ципрас: Грција веќе нема да штеди

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ципрас: Грција го напушта катастрофалното штедење

Алексис Ципрас, лидерот на грчката крајно левичарска партија Сириза по вчерашната изборна победа објави дека неговата земја го остава зад себе катастрофалното штедење. Сириза доби околу 36 насто од гласовите, пред конзервативците на премиерот Самарас кои освоија 28 насто.

Ципрас вети дека ќе стави крај на петгодишното понижување и болка на кои била присилена Грција поради меѓународниот план за спасување од банкрот во 2010 година.

„Пресудата на нашиот народ значи дека тројката е завршена работа“, изјави Ципрас, мислејќи на грчките главни кредитори, Европската унија, ММФ и Европската централна банка.

Тој ова го изјави пред неговите приврзаници откако резултатите од предвремените парламентарни избори покажаа дека Сириза добила околу 36 насто од гласовите, пред конзервативците на премиерот Андонис Самарас кои освоија 28 насто.

Пресудата на нашиот народ значи дека тројката е завршена работа.
Алексис Ципрас, лидер на Сириза

Сириза по се изгледа ќе има 149 од 300 места во грчкиот парламент, само две помалку од потребните за да може самата да формира влада.

Сепак, Ципрас како да ја омекна неговата претходна реторика и сега наместо заканите за „кинење“ на финансиските договори со тројката изјави дека ќе работи со меѓународните кредитори за остварлив договор околу отплатата на долгот.

Ципрас сака повторно да преговара за долгот од 318 милијарди евра и најави крај на непопуларните остри мерки за штедење кои се поврзани со меѓународниот спасувачки план.

Невработеноста во Грција е околу 25 насто, а економијата е во рецесија од почетокот на кризата во еврозоната во 2008 година.

Ја предавам земјата која е дел од Европската унија и еврото. За доброто на оваа земја се надевам дека следната влада ќе го зачува она што е постигнато.
Андонис Самарас, грчки премиер во заминување

Премиерот во заминување Андонис Самарас му честиташе на Ципрас за победата.

„Ја предавам земјата која е дел од Европската унија и еврото. За доброто на оваа земја се надевам дека следната влада ќе го зачува она што е постигнато“, изјави Самарас.

Британскиот премиер Дејвид Камерон оцени дека победата на Сириза ќе предизвика извесна економска несигурност во Европа.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, пак, ја изрази својата желба за продолжување на соработката меѓу двете земји за поголем раст и стабилност на еврозоната.

Германија останува загрижена поради намерата на Сириза повторно да преговара за условите на планот за спасување на грчката економија. Имено, според Берлин, тоа ќе ги охрабри и другите членки на Европската унија да бараат повторно преговарање за нивните договори.

40-годишниот Ципрас во наредните три денови треба да предложи нова влада без оглед дали таа ќе ја прави самостојно или ќе бара соработка од помалите партии како „То Потами“ или „Независни Грци“.

Тој ќе биде најмладиот премиер на Грција во изминативе 150 години и човек кој, според проценките на аналитичарите, и носи надеж на европската левица чии многубројни претставници дојдоа во Атина за да присуствуваат на неговиот успех.

Тој не е од некоја од политичките династии во Грција и за разлика од повеќето грчки водечки политички личности, на врвот доаѓа како борбен активист.

Негов идол е Че Гевара и тоа јасно го покажа кога неговиот син го крсти Орфеј-Ернесто.

Роден е во Атина каде што дипломирал градежништво на Политехничкото училиште, традиционално место на студентски протести.

По приемот во Комунистичката младина на Грција и се придружува на малата партија еврокомунисти Синаспизмос која во 2008 година прераснува во Сириза.

На изборите во 2012 година е втора по Нова демократија, победува на ланските избори за европарламентот.

Од тогаш лидерот на Сириза, според посматрачите, го подобрил и својот меѓународен имиџ.