Русија преку економско до политичко влијание на Балканот

Свечено отворање на Спортски центар „Јане Сандански“ и хотел „Русија“ во Скопје, кои исто така се изградени со руски капитал.

Инвестиции во економијата, изградба на црква со руски капитал, руско медијаторство во спорот меѓу МПЦ и СПЦ. Русија се позасилено е присутна во регионот.

Се поголемата присутност на руски инвестиции во Македонија ја отвори дилемата дали станува збор само за економски релации или има нешто повеќе. Сомнежите ги потхранува тоа што Македонија е надвор од ЕУ подолго време и дека тој вакум Русија може да го искористи за свое политичко влијание. Дел од претставниците на бизнис секторот во својата анализа велат дека Русија поради украинската криза се позасилено се обидува да биде присутна на пазарите во светот па и на Балканот.

Поагресивниот настап на рускиот капитал, допринесува балканските земји да влегуваат во еден нов процес бидејќи тоа е како алтернатива на кризата која постојано се појавува во малите економии.
Зоре Темелковски, бизнисмен.

„Поагресивниот настап на рускиот капитал, допринесува балканските земји да влегуваат во еден нов процес бидејќи тоа е како алтернатива на кризата која постојано се појавува во малите економии“, коментира бизнисменот Зоре Темелковски.

Други светските сили ја диктираат политиката и преку економско присуство потешко е да се обезбеди и посериозно политичко влијание, дополнува економистот Слободан Најдовски кој е и поранешен пратеник. Тој потсетува дека Македонија и Русија и порано имале добри трговски релации, но дека нивниот интензитет се намалил по распадот на СССР.

Инвестирањето во Македонија на бизнисмените е од економски интерес, а се разбира секоја држава во тоа ќе гледа да искористи и одредено политички влијание. И во оваа глобализација на економијата во светски рамки, сѐ повеќе и повеќе се губи тоа влијание преку директното мешање во политиката на одредена држава.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Инвестирањето во Македонија на бизнисмените е од економски интерес, а се разбира секоја држава во тоа ќе гледа да искористи и одредено политички влијание. И во оваа глобализација на економијата во светски рамки, сѐ повеќе и повеќе се губи тоа влијание преку директното мешање во политиката на одредена држава.“

Руски инвестиции во Македонија има најмногу во рударството, енергетиката, а тие се присутни преку нафтено продажните пумпи на Лук Оил. Деновиве беше најавена и изградба на црква во една од скопските населби со руски капитал кој исто така е присутен и во најавеното осветлување и реконструкција на милениумскиот крст на Водно. Експертите обрнуваат внимание дека последната иницијатива за руско медијаторство во спорот меѓу МПЦ и СПЦ може да претставува обид за политичко влијание на Москва.

„Самата изградба на руската црква, камен-темелникот покажува дека покрај економијата, и капиталот, дека и политиката полека зазема некое место на балканските простори. Рускиот капитал кој досега беше присутен на Блискиот Исток, мислам дека полека ќе се преселува кон Европа и дека ќе ги померува границите на економската трансверзала.“

Сепак Зоре Темелковски вели дека постручни анализи од македонска страна не се направени за тоа колкава е застапеноста на руски инвестиции во Македонија.