Македонија нема обврска да се приклучи кон европските санкции против Русија, а и нема многу да добие од тоа, велат дел од аналитичарите, додека други, пак, сметаат дека санкции треба да се воведат за земјава да покаже дека токму во Унијата го гледа својот стратешки партнер.
Проблемот е тука во самото темпо на проширување коешто едноставно не дава доволно простор за државите од регионот да бидат појасни, поексплицитни во заземањето исти ставови со ЕУ. Во таква ситуација и ЕУ е потолерантна, што всушност го илустрира и искажаниот релативно мек став на новиот комесар за пристапни преговори и соседство Јоханес Хан.Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.
Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, вчера во интервју за српскиот весник Вечерње новости рече дека Србија, во рамки на пристапните преговори од ЕУ, се обврзала постепено да ги усогласи ставовите од тие на ЕУ за тешките прашања, како што се санкциите против Русија. Тоа е многу важно и очекуваме од Белград да ја испочитува таа обврска, рече Хан. Ден претходно, пак, по средбата со шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, тој рече дека не барал Србија да се приклучи кон европските санкции против Русија.
Професор Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика вели дека и Македонија има обврска за постепено усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ.
Нашата стратешка цел е ЕУ, ние поддршката од нашите пријатели треба да ја бараме во рамките на ЕУ, затоа што секое флертување со други сили ќе нè чини во овој дел.Биљал Касами, универзитетски професор.
„Проблемот е тука во самото темпо на проширување коешто едноставно не дава доволно простор за државите од регионот да бидат појасни, поексплицитни во заземањето исти ставови со ЕУ. Во таква ситуација и ЕУ е потолерантна, што всушност го илустрира и искажаниот релативно мек став на новиот комесар за пристапни преговори и соседство Јоханес Хан“, вели таа.
Податоците за трговската размена со Русија покажуваат дека Македонија нема капацитет сериозно да го зголеми извозот во оваа земја, така што прашањето за евентуално воведување санкции е повеќе политичко, отколку економско. Ристевска Јорданова вели дека во овој момент на земјава и значат политичките односи со Русија.
„Преземање санкции во овој момент би ја нарушило деликатната македонска позиција што во овој момент ја има, особено имајќи го предвид прашањето за името“, вели Ристевска Јорданова.
Од друга страна, професор Биљал Касами вели дека со евентуални санкции против Русија, Македонија нема да изгуби многу на економски план, но ќе добие на политички.
„Нашата стратешка цел е ЕУ, ние поддршката од нашите пријатели треба да ја бараме во рамките на ЕУ, затоа што секое флертување со други сили ќе нè чини во овој дел“, вели Касами.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонија незначително го искористила рускиот пазар, откако Москва воведе санкции за увоз на храна од ЕУ. Имено, во првите девет месеци од годинава од Македонија во Русија се извезени стоки во вредност од скоро 29 милиони долари, што е само за 6,5 милиони долари повеќе од истиот период минатата година кога немаше руски санкции против ЕУ.
Во меѓувреме, пак, официјална Москва изрази сомнеж дека земјава го прекршила руското ембарго за увоз на храна од ЕУ, со тоа што препакувала европски производи и ги извезувала во Русија како македонски.