Менување на целиот концепт на студирање според Болоња. Продолжување на студиите од три на четири години. Спроведувањето на државен испит во втора и во четврта година. Начинот на унапредување на професорите, односно оценката за тоа кој може да биде професор или не. Спроведување на пилот проект. Нарушување на автономијата ан Универзитетите. Ова се дел од измените во Законот за образование, кои според професорскиот и студентскиот пленум нема да го подобрат квалитетот на високото образование.
Не може да ги осудуваме резултатите од постојниот систем без да видиме кои се вистинските проблеми кои довеле до лоши резултати.Гордан Калајџиев, универзитетски професор.
Гордан Калајџиев од Професорскиот пленум вели дека е неприфатливо да се менува болоњскиот систем без да се востанови дали бил ефикасен или не.
„Не може да ги осудуваме резултатите од постојниот систем без да видиме кои се вистинските проблеми кои довеле до лоши резултати, бидејќи очигледно аргументите што беа дека има дипломи без знаење не се ни однесуваат на условно речено нормалните Универзитети и факултети, туку се однесуваат повеќе на оние новопечени приватни, а богами и државни универзитети, каде што ниту има соодветен наставен кадар, ниту има соодветна настава и автоматски нема ниту соодветно знаење“, вели тој.
Ќе се создаде дополнителен хаос во високото образование, ќе се воведе еден државен испит којшто, според неговите предлагачи, ќе гарантира минимум знаење, но високото образование воопшто не е минимум знаење, високото образование треба да цели кон нешто повисоко.Леа Огњаноска, Студентски пленум.
Горан Таневски од Студентскиот пленум вели дека државниот испит се коси со Болоњскиот систем. Според него, секое тело што е надворешно избрано ја нарушува автономијата на Универзитетот, а начинот на подготовка на самиот државен испит ќе биде груба импровизација.
„За начинот и постапката на изведување на државниот испит се знае кој ќе ги составува прашањата, но не се знае врз основа на кој материјал, како ќе биде утврдено кој дел од материјата е најсоодветно да биде поставен како прашање на државен испит и кое лице и на каков начин ќе го утврди нивото на сложеност на соодветните прашања“, вели Таневски.
Калајџиев смета дека внесувањето на пилот проект во закон е смешно, бидејќи обично се спроведува пред неговото донесување и не е логично. Според него, ќе има и промена на времетраењето на студирањето со нови програми кои ќе бидат европски ориентирани.
„Тие листи што ги прави владата на програми на најнапредните факултети се несоодветни за многу области, особено за општествените науки, ниту, пак, се тие единствени. Ние и досега кога ги правевме програмите според Болоња, се разбира дека ги правевме имајќи ги пред себе програмите од регионот и од Европа и ги прилагодивме на потребите на македонското општество и систем“, вели Калајџиев.
Леа Огњаноска од Студентскиот пленум вели дека ќе останат клучните проблеми во високото образование, како преголемиот број на универзитети и студенти за кои потоа нема место на пазарот на трудот, наставната програма и литературата којашто се изучува и не е апдејтирана, како и непристапноста кон светските дата бази.
„Дури и по воведувањето на овие пакет реформи, меѓу кои секако најистакнат е државниот испит, останува проблемот којшто државниот испит треба да го реши, меѓутоа и според самиот начин на којшто се протурка државниот испит, очигледно дека нема да успее да го адресира. Од друга страна, ќе се создаде дополнителен хаос во високото образование, ќе се воведе еден државен испит којшто, според неговите предлагачи, ќе гарантира минимум знаење, но високото образование воопшто не е минимум знаење, високото образование треба да цели кон нешто повисоко“, вели Огњаноска.
Од Професорскиот и од Студентскиот пленум уште еднаш забележуваат дека големи реформи во образованието не може да се прават без учество на најзасегнатите и без опсежна анализа.