Професоре Чукалиев вие сте професор на факултетот за земјоделски науки и храна и меѓу другото работите на истражувања за климатските промени и глобалното затоплување и го анализирате земјоделскиот сектор. Дали земјоделството во Македонија веќе ги чувствува влијанијата на климатските промени?
Дека ги чувствуваме влијанијата на климатските промени, тоа е факт, не само ние, цела Европа. Во стратешкиот документ којшто го објави Европската комисија во 2013 година, којшто се однесува на адаптација кон климатските промени, ставено е дека ефектите од климатските промени се чувствуваат насекаде во Европа, меѓутоа земјоделството е истакнато како сектор каде што најмногу се чувствуваат овие промени. Дали ги чувствуваме или не може да видите само од случувањата во последната година. Имавме доцни пролетни мразеви, имавме поплави, имавме многу врнежи, имавме исклучителна година којашто која што многу се разликуваше, така да и приносите, иако некој може да рече беше влажна година, приносите треба да се рекордни, далеку се од тоа, ние дефинитивно ги чувствуваме промените.
Кои региони се најпогодени од овие промени?
Во Република Македонија, климатските промени се насекаде, не можеме да кажеме овој регион е попогоден,овој е помалку погоден регион, меѓутоа можеме да истакнеме региони кои се поосетливи на климатските промени. Климатските промени во Македонија, очекуваме да ја зголемат аритноста, иако минатата година имавме влажна година, ние очекуваме зголемување на аритноста и зголемување на температурите. Што значи дека најосетливи би биле оние региони, каде што ние и онака имаме недостиг на вода и каде што температурите веќе подолго време предизвикуваат сериозни проблеми во растителното производство, како и во сточарството.
Во извештај на Светска банка се вели дека без јасен план за усогласување на земјоделските политики со климатските промени, заработувачката на руралното население е изложена на ризик. Како ја оценувате стратегијата на Македонија во тоа усогласување на земјоделските политики со климатските промени.
За среќа во Македонија, веќе спомнавте еден од документите кои се изработени, тоа е студијата за адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени изработена од Светска банка, ова значи дека Светска банка не случајно го работеше тој документ. За среќа подигната е јавната свест, особено во Министерството за земјоделство за проблемот кој го носат климатските промени со себе. Меѓутоа не е само во политичките, не е секогаш политиката основниот извор на проблемите. Овдека ние имаме многу посериозен проблем, односно многу голем адаптациски дефицит, односно ние имаме многу ниски приноси. Ние се наоѓаме на дното на листата по приноси во Европа, значи ние и во сегашните услови не можеме да се носиме со временските прилики, кај нас приносите многу зависат од времето. Ако имаме влажна година приносите ни се повисоки, пониски во сушна година, ако имаме поплава или која било екстремна временска појава, нам силно ни влијае на приносите, значи ние не знаеме да се носиме и со сегашното време, а камоли да се носиме со она што го носат климатските промени.