Мигрантите гинат во потрага по подобар живот

Архивска фотографија - Министерството за внатрешни работи откри повеќе од 100 илегални мигранти од Сирија и Ирак на железничка станица во Велес.

Во Македонија во 2013 година имало околу 1.200 мигранти, што е за двојно повеќе од 2012 година. Во земјата оваа година загинаа 8 мигранти, а најголем дел од нив беа прегазени од воз. А во светот бројката изнесува околу 5.000

Драстичен пораст на бројката на илегални мигранти од Блискиот и Средниот Исток и Северна Африка е забележан низ целата западно балканска рута, според податоците на Меѓународната организација за миграции.

Неприфатливо е да не му се понуди спасување и безбедност на оној кој бега за да го спаси сопствениот живот. Мигрантите кои бегаат од војни, верски екстремизам, природни катастрофи, заслужуваат емпатија и заштита.
Соња Божиновска Петрушевска, шефот на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции во Македонија.

Минатата година бројката изнесувала околу 20 илјади мигранти додека споредбено со 2010 година биле забележани само 3.090. Во Македонија пак во 2013 година имало околу 1.200 мигранти, што е за двојно повеќе од 2012 година, вели шефот на канцеларијата на организацијата во Македонија, Соња Божиновска Петрушевска.

Соња Божиновска Петрушевска.

„Конкретни тековни мерки коишто се преземаат, се однесуваат на зајакнатите гранични контроли, потоа зголемена соработка меѓу земјите од регионот преку заедничките контакт центри за полициска соработка, мешаните гранични патроли, потоа во поглед на модернизацијата на граничните премини, соодветно опремување на овие гранични премини.“

Оваа појава многу малку ќе даде резултати, ако тоа се сведе само на мерки на национално ниво, затоа треба мерките да се како еден сегмент на заложбите на меѓународната заедница, во справување со оваа појава.
Стефан Буџаковски, универзитетски професор.

Професорот Стефан Буџаковски вели дека причината за зголемениот број на мигранти се должи на меѓународните политички состојби и воените дејствија во некои земји.

„Оваа појава многу малку ќе даде резултати, ако тоа се сведе само на мерки на национално ниво, затоа треба мерките да се како еден сегмент на заложбите на меѓународната заедница, во справување со оваа појава, но не мора да значи дека ние како држава треба да го оставиме тоа така, треба да преземеме поинтензивни мерки, посебно и на граничните премини, но и они места каде што влегуваат во нашата држава емигранти.“

Темата на одбележувањето на денешниот Меѓународен ден на мигрантите е спасување на нивните животи. Божиновска Петрушевска вели дека конечната бројка на смртни случаи на мигранти, која ќе биде објавена при крајот на годинава, најверојатно ќе биде над 5.000.

„Неприфатливо е да не му се понуди спасување и безбедност на оној кој бега за да го спаси сопствениот живот. Мигрантите кои бегаат од војни, верски екстремизам, природни катастрофи, заслужуваат емпатија и заштита.“

Според Буџаковски, смртните случаи во земјава се индивидуални.

„Се работи за појава која веќе не се презема организирано, туку тие пешки транзитираат низ повеќе држави, незгрижени, нестоплени, ненахранети...Како држава дали ние сега имаме капацитет да отвориме поголеми центри, не е мое да кажам, мислам дека немаме капацитет.“

Во Македонија оваа година загинаа 8 мигранти, а најголем дел од нив беа прегазени од воз.