По деби поетската објава „Концерт за труба во дур“ од 2007 година и филмолошката студија „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ од пред две години, писателот и синеаст, компаратист и филмолог, магистерот на филолошки науки Атанас Чупоски, 2014 година ја заокружува со збирката раскази насловена „Старинарница Балкан“.
Изворите кои ги користам не се само историографски туку се и литерарни, фолклористички, теолошки итн. Се работи за мое лично, субјективно, крајно фрагментарно видување на македонската историја или барем на некои значајни точки од македонската историја.Атанас Чупоски, писател.
Се работи за дело што го печатеше книгоиздателството „Магор“ од Скопје и за објава сочинета од 43 наративи кои беа објавувани на страниците на неделникот „Форум“ во периодот 2008 – 2010 година и кои допираат теми важни за македонската култура и политичка историја“.
„Јас секогаш себе си сум се одредувал како човек кој не е новинар. Кого не го интересираат многу многу новините. Од таму, во едем разговор со тогашниот уредник на рубриката за култура во „Форум“ Влатко Галевски му реков дека јас всушност сум старинар. Човек што го интересираат старините и така, во просториите на „Радио Равел“, дојде до еден договор за нашата идна соработка и до името на идната колумна која што се објавуваше во магазинот „Старинарница Балкан“, вели авторот.
Секогаш кога пишував одредена колумна или расказ во овој случај тргнував со некој актуелен настан или со одреден актуелен датум така што тие го имаат оној есеистички и до негде оној публицистички акцент.Атанас Чупоски, писател.
Чупоски појаснува дека сите раскази се навраќаат на минатото, пред сè на културно и политичката историја на Македонија, на Балканот и пошироко на Медитеранскиот базен. На личности кои се значајни не само во локални рамки, туку се европска и светска историја како Александар Македонски, императорите Константин и Јустинијан, султанот Сулејман, свети Наум, Глигор Прличев, Марко Цепенков или Ѓорѓија Пулески, па сè до Андре Бретон и други.
„Изворите кои ги користам не се само историографски туку се и литерарни, фолклористички, теолошки итн. Се работи за мое лично, субјективно, крајно фрагментарно видување на македонската историја или барем на некои значајни точки од македонската историја. Почнувајќи од Антиката, периодот на Христијанското средновековие, Византискиот период, доаѓањето на Отоманската империја на овие простори, периодот на Преродбата, Револуционерната борба, па сè до 20 век“, вели Чупоски.
Авторот дополнува дека сите раскази биле пишувани спонтано и дека стојат на границата помеѓу литерарен и публицистички текст затоа што пред сè биле наменети на публика која чита неделно списание, но и со тенденција да ги задоволат неговите лични литерарни вкусови. Од таму веројатно можеби би можело да се каже, како што самиот вели, дека станува збор за некој вид применета книжевност.
„Секогаш кога пишував одредена колумна или расказ во овој случај тргнував со некој актуелен настан или со одреден актуелен датум така што тие го имаат оној есеистички и до негде оној публицистички акцент. Но овде во книгата не се предадени по хронологијата по која беа објавувани во „Форум“, туку се предадени според хронологијата на настаните за кои што се раскажува во нив, така што верувам дека прават една интересна целина“, вели авторот.
Роден 1969 година, Атанас Чупоски објавил стотина студии во периодиката, автор е радио („Канал 103“ и „Радио Равел“) и на неколку телевизиски емисии, а во неговиот творечки опус има и седум документарни филмови. Тој е член на Друштвото на писателите, Друштвото за компаративна книжевност и на Центарот за култура и културолошки студии, а работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија.
Конечно, „Старинарница Балкан“, овој понеделник од 19.30 часот во скопскиот клуб МКЦ, ќе ја промовираат писателите Владимир Мартиновски, Васко Марковски и Влатко Галевски, кои, патем, заедно со нејзиниот потписник ќе музицираат на кавал, тамбура и мандола така давајќи му на настанот и податлива звучна визура.