Достапни линкови

Делвина Курлуку – Поезијата за мене е страст!


Делвина Курлуку, поетеса.
Делвина Курлуку, поетеса.

Младата и талентирана Делвина Курлуку, за стихозбирката „Заливи на осамата“, е добитник на наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга објавена на јазиците на националностите што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Делото е издание на „Јосиф Багери“ од Тетово, а поетесата знае да каже дека дури сега пред неа се отвораат новите книжевни патешествија.

Поезијата во оваа книга тече тивко, со ненаметлива поетска порака која ја носи со себе свежината и сјајот и искреноста, младоста и ненаметливоста на стихот. Станува збор за поетски дневник, длабоко инспириран од урбаните пејзажи, од реките и езерата, од бреговите на Рајна, Елба, од бескрајните полиња и долини, кои се идеализираат и химнизираат, каде што поетесата ја открива тишината, осамата, тагата и меланхолијата. Богатството на стилски фигури, спонтаноста и ненаметливоста на ова патување на соништата, ја чинат оваа поезија блиска и комуникативна, течна и топла.
Мислам дека оваа книга која излезе на албански јазик за „Јосиф Багери“ од Тетово наскоро ќе биде преведена и на македонски јазик, па така верувам дека нашите сограѓани и љубители на убавиот пишан збор ќе бидат во можност да се запознаат со мојата поезија и да се убедат во моќта на моите стихови.
Делвина Курлуку, поетеса.

Ова, меѓу другото, ќе биде забележано во образложението на жирито (Али Алиу, Бранко Цветковски и Јусуф Едип) на ДПМ за доделувањето на наградата „Книжевен мост“ на Делвина Курлуку за нејзината книга „Заливи на осамата“, чиј поднаслов е „Германски поетски дневник“.

Пресреќна што таа е првиот добитник на „Книжевен мост“ со која се вреднува творештвото на јазиците на националностите кај нас, Делвина Курлуку знае да каже дека, иако досега добила неколку значајни признанија на Косово и во Албанија, наградата и е посебно драга бидејќи таа живее и твори во Македонија и сака токму нејзината родна земја да ги вреднува трудот и придонесот што го дава како автор.
Поезијата за мене претставува страст. Јас од малечка почнав со поетските стихови и потем продолжив и до денес останав со тој жанр.
Делвина Курлуку, поетеса.

„Мислам дека оваа книга која излезе на албански јазик за „Јосиф Багери“ од Тетово наскоро ќе биде преведена и на македонски јазик, па така верувам дека нашите сограѓани и љубители на убавиот пишан збор ќе бидат во можност да се запознаат со мојата поезија и да се убедат во моќта на моите стихови“, вели поетесата.

Родена 1985 година во Дебар, Делвина дипломирала на Штуловиот универзитет, а потем магистрирала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Од 2004 година, кога излезе нејзиното првенче, пишува исклучиво поезија и досега има објавено пет книги.

„Поезијата за мене претставува страст. Јас од малечка почнав со поетските стихови и потем продолжив и до денес останав со тој жанр. Комплетно сум фокусирана на поезијата и сето тоа кај мене доаѓа по еден сосема нормален, природен пат. Јас сево ова го разбирам како дар од Бога, иако не смее да се заборави и на генетската предодреденост бидејќи и татко ми беше поет“, вели таа.

Од друга страна, Курлуку потенцира дека наградата „Книжевен мост“ ја поима и како обврска и поттик да посегне и по другите книжевни жанрови.

„Би сакала да пишувам и раскази и романи. Веќе почнав да работам на новата книга и сега засега имам напишано неколку кратки стории, но како натаму ќе се одвиваат работите останува да видиме. Верувам дека ова што сега го творам, што полека катадневно излегува од мене, ќе го здогледа светлото на денот во текот на оваа или наредната година“, вели Курлуку.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG