„Запалка“ настана сосема спонтано. Најверојатно како резултат на животот во ова општество, а книгата ја пишував во последниве две години. Таа спојува неколку животни приказни на сосема обични луѓе, оние кои секојдневно ги одминуваме на автобуските станици или во редовите на супермаркетите.
Всушност поентата на сето ова е сознанието како луѓето реагираат кога ќе разберат дека светот не е фер. Мене многу тешко ми беше кога ми стана јасно дека светот не е фер и за тоа напишав книга во која ги опишувам реакциите што сум ги видела во луѓето околу мене, во ова општество во кое што живеам.Натали Спасова, писателка.
Вака Натали Спасова ќе ја започне сторијата за својот деби роман, за делото што како издание на „Македонска литера“ беше промовирано неодамна во Младинскиот културен центар во Скопје.
„Во ова општество сè помалку и помалку се гледа хуманоста. Некако и ние се навикнуваме на тоа и воопшто не ни е страшно кога ќе видиме дека полека исчезнува хуманоста. Всушност поентата на сето ова е сознанието како луѓето реагираат кога ќе разберат дека светот не е фер. Мене многу тешко ми беше кога ми стана јасно дека светот не е фер и за тоа напишав книга во која ги опишувам реакциите што сум ги видела во луѓето околу мене, во ова општество во кое што живеам“, вели Спасова.
Јас секогаш работам на нешто ново, но никогаш со сигурност не можам да кажам кога ќе биде печатено. Едно знам дека никогаш нема да се откажам од детската и литературата за млади.Натали Спасова, писателка.
Писателката појаснува дека раскажувачи се различни ликови, па дури и еден предмет, запалката која е врската помеѓу сите раскази кои можат да се читаат одделно, самостојно, но заедно споени ја доловуваат поентата на романот - како животот ги менува луѓето и како луѓето го менуваат животот. Така, вели таа, за едни среќа е скитничкиот живот, за други самотијата, а за некои дури и смртта.
Родена 1989 година во Скопје, Натали е млада писателка пред која е убава иднина. Таа својата дебитантска книга „Прва љубов во Розовата улица“ ја има објавено во 2006 година и делото за тинејџери досега доживеа три изданија. Згора на тоа застапено е и во посебната едиција на руски јазик „Десет романи на 21 век“, а книгата е преведена и на украински.
Романот „Запалка“ е практично нејзина втора официјална објава, иако и самата знае да забележи дека таа постојано нешто пишува без да размислува кога тоа би било публикувано.
„Јас секогаш работам на нешто ново, но никогаш со сигурност не можам да кажам кога ќе биде печатено. Едно знам дека никогаш нема да се откажам од детската и литературата за млади. Тоа е најголемиот предизвик за мене бидејќи децата се најискрените читатели. Мислам дека сум многу критична кон себе, така што навистина ми е потребно долго време за да извадам нешто од фиоката со кое што ќе бидам комплетно задоволна“, категорична е Спасова.
Од друга страна, Натали Спасова по професија е магистер по рурален туризам и работи на Факултетот за туризам во Скопје. Таа воопшто не се сомнева дека Република Македонија има огромни потенцијали во оваа област, а како нераскинлива врска помеѓу нејзината животна определба и литературата ја посочува токму природата.
„Мојата магистерска теза беше на таа линија. Затоа беше насловена како „И природата инспирира уметност“. Мислам дека сите уметности се инспирирани од природата. Природата и уметноста секогаш биле во тесна врска. Пишувањето исто така е еден вид на уметност и така обете нешта се поврзуваат многу убаво“, вели авторката.