Храбро против неправедноста и политичкото влијание

Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.

Високото образование не е задолжително како што е основното и средното образование. Чиста и одлична организација, пишува граѓанскиот активист Рубинчо Аризанкоски во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во последните неколку недели во нашата земја се случија многу работи, почнувајќи од политички „бомби“ па сè до студентски протести. Но, ако погледаме наназад можеме да видиме дека работите како да немаат крај. Сè нешто нам ни се случува. Крива ни била европската политика, па нестабилноста на Балканот, дури и економската криза.

Имаме многу нерешени работи во полето на социјалната и здравствената заштита на граѓаните, дискриминацијата, недоволна безбедност на граѓаните, образование кое не знае кој пат да го фати и слично.

Македонија во своите 23 години постоење и независност има многу повеќе нерешени проблеми во сопствениот двор отколку во надворешноста. Секој слободен ум во оваа земја може да заклучи дека проблемите не се решаваат со волшебно стапче, затоа што ако имаме стабилност во извршната власт тогаш ќе имаме сè помалку проблеми и потреби. Но, не е така. Имаме многу нерешени работи во полето на социјалната и здравствената заштита на граѓаните, дискриминацијата, недоволна безбедност на граѓаните, образование кое не знае кој пат да го фати и слично.

Моменталната ситуација во Општина Прилеп не е многу сјајна. Проблемите многу лесно може да се лоцираат. Најголем проблем кај младата популација е невработеноста. Прилеп е на првите топ места по невработеност на младите. Но, жално е тоа што од Агенцијата за вработување ги повикува невработените до 35-годишна возраст преку СМС пораки на интервју во некоја американска компанија на која ни името не ѝ се знае, па не работа од нив да бараш. Замислете каква иронија е, да одиш на интервју пред непозната компанија, а вработените во агенцијата цврсто тврдат дека компанијата е од Америка.

Многу програми, правилници и разни стратегии од различна дејност кои се направени за подобрување на условите и квалитетот на живеење на граѓаните во оваа земја не се доволно имплементирани. Многу закони и подзаконски акти кои се донесени од највисокиот орган на земјата исто така недоволно се имплементираат. Дел од нив се спроведуваат, но добар дел не може ни да отпочнат со спроведување. Дали законодавецот некогаш си поставил прст на глава и да си одговори на прашањето зошто законите се спроведуваат парцијално, кога сите ние придонесуваме и живееме во оваа земја.

Цела земја знае дека прилепската болница е ставена под „карантин“ со блокирана сметка од висина од 120 милиони денари поради направени долгови кон доверителите скоро една година. Никој не реагира. Во Прилеп нема граѓански активизам. Сите организации како да се влезени во длабок сон без никој да ги буди. Прилеп пред неколку години беше бастион на НВО организации од различни профили, а сега и тие што останаа ги нема. Но, прилепчани мора да го кажат својот збор затоа што сите ние плаќаме здравствени придонеси кон ФЗО. Граѓаните мора сами да си ги покриваат здравствените услуги. Болницата нема средства за никаков потрошен здравствен материјал, пациентите ги тераат од својот сиромашен џеб да плаќаат приватно ако сакаат да добијат соодветни прегледи. Кај и да е болницата еден ден тотално ќе колабира и ќе остане без мазут и електрична енергија, а пациентите надвор од неа. Ех, колку се грижиме за здравјето на своите сограѓани.

Активирањето на академската заедница е мотивација плус за побрзи чекори кон добивање на резултати.

Но, главната улога во земјата ја имаат младите. Тие се полни со енергија, знаење, храброст, мотивираност и слично. Зад секој успех на младите стои силата на победата. Така беше и студентскиот протест каде младите докажаа дека постојат и знаат што сакаат. А, тоа е НЕ за воведување на државен испит на факултетите. Високото образование не е задолжително како што е основното и средното образование. Чиста и одлична организација. Активирањето на академската заедница е мотивација плус за побрзи чекори кон добивање на резултати. Протестот наиде на голема поддршка од медиумите, но и од социјалните мрежи. Македонија има сила која ќе го промени општеството кон подобар и здрав начин на дејствување.

Студентите секогаш имаат право, иако учат од умните.
Сите ние да се залагаме за солидарност и борба против неправедноста и партиските влијанија.