Госпоѓо Шмит, колку важна е улогата на медиумите во борбата против корупцијата?
Од огромна важност е. Транспаренси интернешнал направи истражување во 2012 кое покажа дека во повеќе десетици земји кога компаниите треба да изберат што е според нив најефективната мерка во борбата против корупцијата, тие го одбираат истражувачкото новинарство пред мерките на Владата или корпоративно истражување од самите компании, што значи дека таква е перцепцијата не само од компаниите туку и од владите и од јавноста како најсуштински елемент во борбата против корупцијата.
Вие сте истражувачки новинар во Холандија. Какво е вашето искуство со институциите кога работите на одредена приказна? Дали се институциите отворени за информации или зависи од институцијата конкретно?
Да, но исто така зависи и од самата истражувачка приказна. Ако чувствуваат дека имаат нешто за возврат од објавувањето на сторијата, тогаш се транспарентни и ви ги даваат сите потребни информации. Но многу често како истражувачки новинар доаѓате до сторија за која тие не сакаат да излезе во јавност, и тогаш е многу потешко. Но, како и во повеќето европски земји и во Холандија имаме закон за слободен пристап до информации кој не функционира секогаш најдобро, но она што е многу депресивно за мене е што таа постапка е многу бавна, а вообичаено сакате текстот да излезе што побрзо. Значи имаме закон, но многу малку го користиме, но барем го имаме, а исто така го користиме законот за заштита на сведоци, кој исто така треба да се доработи. Значи има закони и регулатива, но тоа не значи дека секогаш ќе го добиете тоа што го сакате. Значи тоа е тешка работа, но во исто време задоволството е големо.
Колку е тешко да се истражи приказната докрај кога наидувате на секакви пречки и дали автоцензурата е присутна?
Понекогаш се откажувате затоа што приказната не е толку добра како што сте мислеле или затоа што тука воопшто нема приказна. Понекогаш се откажувате кога уредникот ќе ви каже дека истражувањето ви зема премногу време, понекогаш е тешко. Знаете, ние овде во Холандија не добиваме физички закани, туку не уценуваат со правни мерки. Не верувам дека самоцензурата е честа појава. Но исто така не можам да сум сигурна дека тоа никогаш не го правиме. Оти тоа што не е во печатот, не е таму.
Знам дека во други земји печатот или медиумите се соочуваат со барања од типот ве молам не чепкајте таму, затоа што човекот припаѓа на мојата политичката партија или е под мое влијание и сл.
Тоа е многу фрустрирачки. Ако видите дека вашиот колега не ви помага и не ви дава информации и не сака да ја прошири истрагата поради такви причини тоа е едно од најфрустрирачките работи. Зашто вие очекувате вашите колеги да бидат со вас. И ако тоа не се случува поради политички и економски причини тоа многу фрустрирачко.
Но, не верувам дека тоа се случува тука во Холандија. Или пак сум преголем оптимист.
Македонија е соочена со сериозни критики за слободата на изразување, а според Репортери без граници се наоѓа на ниското 116 место. Која е вашата порака до македонските колеги за подобрување на оваа ситуација?
Многу е важно ако на каков било начин политичарите сакаат да ви помогнат, но се разбира дека тоа не може да го очекуваме од нив. Она што би било моја сугестија е да се најдат млади луѓе. Однесете ги вашите приказни до нив, до интернетот, до мобилните телефони, до места за кои не ви требаат многу пари. За да работите новинарство, не ви треба печатот, ако имате интернет. Таму се младите и таму треба да бидат вашите приказни. Бидејќи кога луѓето се информирани, тие стануваат покритични.
Еве една споредба со Унгарија која е под постојани критики од Европската унија. Гледате дека независните медиуми таму се само на интернет, бидејќи сите печатени и електронски медиуми таму се во сопственост на политичките партии. Критичките новинари ги објавуваат приказните секаде и се надеваат дека јавноста ќе ги види. Секогаш постои начин. Јас сум секогаш оптимист и веројатно е така поради професијата која ја работиме. Зошто тоа е тешка професија.
Претпоставувам дека вашата работа е многу потешка отколку мојата во Холандија. Ние имаме закони, регулатива, полицијата е мој пријател. Можам да им се јавам и да ја добијам нивната помош или поддршка. Лесно ми е мене да ви кажувам направете така или вака, но се на што можам да се надевам е дека ќе може да ја завршите вашата работа безбедно и да ја добиете соодветната заштита, а на крајот на денот, публиката тоа ќе го награди со слушање или читање на вашите приказни и ќе ја направат промената која тие мислат дека им е потребна во нивните животи. Тоа е се што посакуваме.