Комисијата бара од властите да преземат одлучна акција за да се решат зголемената политизација и растечките недостатоци во независноста на судството и слободата на изразувањето на начин кој ќе дозволи препораката да остане одржлива и во идните години, експлицитно стои во годинешниот документ на Европската Комисија за напредокот на Македонија.
Итно, веднаш треба да престане притисокот и заплашувањето на новинарите, преку судски процеси, преку казни.Насер Селмани, Здружение на новинари на Македонија.
Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани има можност да се подобрат работите, но како што вели, само ако постоела политичка волја за тоа. Во интервјуто за Радио Слободна Европа тој оценува дека состојбите може да се подобрат за една година, но дека засега немало политичка волја.
„Ние имаме конкретни решенија кои и ги нудиме на Владата, што треба прво да направи. Итно, веднаш треба да престане притисокот и заплашувањето на новинарите, преку судски процеси, преку казни. Второ, треба да престане политиката на неказнување на насилството врз новинарите. Треба веднаш да го усогласиме нашето медиумско законодавство со европските стандарди, пред се мислам дека законот за медиуми и законот за аудио-визуелни медиумски услуги, не нудат доволна основа јавниот сервис, Македонската радио-телевизија и регулаторното тело да бидат независни институции и да имаат одржлив извор на финансирање. Секако тука спаѓаат и прашањето на ограничување на казните, бришењето на дефиницијата новинар, исклучувањето на печатените медиуми од регулација. И секако почитувањето на социјалните права“, вели Селмани.
Уредувачките тимови да успеат заедно со сопствениците на медиумите да направат некаква тампон зона, меѓу она што подразбира економска моќ, пари, и новинарство.Слаѓана Димишкова, Македонска асоцијација на новинари.
Според Слаѓана Димишкова од Македонската асоцијација на новинари, пак, за подобрување на состојбите најважно е да средат односите меѓу власта и сопствениците бидејќи од таму биле притисоците. Според неа не може да се каже дека од владата се очекува најмногу, оти како што вели, од неа зависи само законодавството.
„Потребни се новинари кои ќе имаат сигурна работа, работата да не им „виси“, втората работа, за да можат тие условни самостојни новинари, кога ќе ги постигнеме, да можат да работат така, е главно уредниците, односно уредувачките тимови да успеат заедно со сопствениците на медиумите да направат некаква тампон зона, меѓу она што подразбира економска моќ, пари, и новинарство“, вели Димишкова.
Во интервју што ќе го емитуваме во недела, Селмани вели и дека Европската комисија во најновиот извештај испуштила да констатира одредени состојби во медиумите, а заслугата зошто прашањето стана важно и во меѓународни рамки, вели дека меѓудругите е заслуга и на ЗНМ.