Правда се дели со пиштоли, загаден воздух и опозициска бомба

Илустрација.

Се почестите убиства и одговорноста на институциите за тоа, загадениот воздух, бомбата на Заев, реекспортот во Русија, се само дел од темите за кои пишуваа весниците.

„Масакрот во Злетово ги покажа слабостите - Сите знаеле и никој ништо не знаел! Недостиг на комуникација меѓу надлежните институции“ - со ваков наслов оди Вечер во врска со последното тројно убиство и потоа самоубиство во Злетово, по исто така тројното убиство во Кавадарци.

Тројните убиства ја покажаа крајната неодговорност - државните служби целосно затаија во превентивата на насилството.
Слободен печат.

И Слободен печат прстот го вперува во неодговорноста на институциите во државава: „Тројните убиства ја покажаа крајната неодговорност - државните служби целосно затаија во превентивата на насилството“ - пишува весникот.

Утрински насловува:„Институциите во аут, правда се дели со пиштоли и пушки“. Слободен печат го објавува и барањето на СДСМ министерот за одбрана Јолевски и првиот човек на Генералштабот на АРМ, генерал Котески да си поднесат оставки поради двата случаја на тројни убиства. И Дневник ја третира оваа тема: објавува мислења на експерти кои меѓу главните причини за двете трикратни убиства го наведуваат синдромот од конфликтот во 2001 година.

Мерните станици во дефект, загадениот воздух „пече“ - освен напорите за екостандарди на Макстил, под силни притисоци на јавноста, досега нема рестрикции за начинот на затоплување, градежните процеси или за намалување на сообраќајот.
Утрински весник.

Изгледа, особено зиме, ќе продолжиме да си дишеме крајно загаден воздух. Загрижува насловот во Утрински: „Мерните станици во дефект, загадениот воздух „пече“ - освен напорите за екостандарди на Макстил, под силни притисоци на јавноста, досега нема рестрикции за начинот на затоплување, градежните процеси или за намалување на сообраќајот“.

На трибина во Кавадарци Заев со објаснување за најавената „бомба“ против Груевски: „Доказите ќе ги објавиме кога ќе има услови за тоа - би било наивно опозицијата да очекува правна разрешница за тоа со судство како постојното“- објави Утрински.

Истиот весник пишува и за генерацискиот судир во СДСМ: „Разногласија меѓу партискиот ИО и младите социјалдемократи околу спроведувањето на стратегијата за вонпарламентарното дејствување“. Наводно младите го обвиниле раководството дека неприсуството во парламентот нема ефект, додава весникот.

Утрински објавува и дека „Нема реекспорт за Русија“. Ова го утврдила Владата на Груевски по спроведената истрага.

Нова Македонија со анализа која покажува дека парите немаат политичка боја: „Политичарите си вреват, карваните си врват- статистиката покажува дека речиси сите држави на Балканот што имаат меѓусебни политички недоразбирања се силни трговски партнери. Пример: во Македонија се продаваат повеќе грчки производи отколку во Франција!“