„Денот да е радосен“ - филм за панк инаетот на К.У.Р

„Денот да е радосен“ е насловен документарниот филм на режисерката Љубица Поповска посветен на македонскиот бенд КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ чија премиера е предвидено да се случи овој четврток, на 20 ноември, во 21 часот, во киното „Фросина, во рамките на актуелното 13 издание на фестивалот „СИНЕДЕЈС“. По неговото прикажување момците со концерт ќе го промовираат и новиот албум „Мит ми комен“, чие објавување се совпаѓа со одбележувањето на 15 годишнината од нивното континуирано делување на домашната алтернативна сцена.

КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ првата деценија и половина од своето континуирано делување на актуелната Македонска алтернативна музичка сцена, онака како и што им доликува, ја одбележуваат со премира на докуметарниот филм „Денот да е радосен“ и со концертна промоција на својот нов студиски албум „Мит ми комен“. Обата настана ќе се одржат во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на актуелното издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.

Дури и оние кои по прв пат доаѓаат во контакт со нивната музика и нивната пројава на сцена го доживуваат истото. Ги доживуваат како неверојатно позитивни личности и индивидуи.
Љубица Поповска, режисерка.

Љубица Поповска, режисерката на „Денот да е радосен“, во пресрет на првичното прикажување на нејзиниот деби долгометражен документарен проект, вели дека КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ пред се ги гледа како свои пријатели и дека во договор со Владимир Стојчевски, кој патем е басистот во бендот и „случајно“ филмски продуцент, се решиле да се фатат за работа при што таа имала комплетна слобода „да се поигра со нивните карактери, да ја долови визуелно приказната и да го отслика панк инаетот што нив ги води сите овие години“.

„Постои нешто што нив ги прави да функционираат на ниво на некоја паралела за разлика од сите оние негативни конотации на се* што се случува на музички план во Македонија. Тие како да живеат во еден паралелен свет всушност, а нивниот паралелен свет е до тој степен позитивен и што секој може кога сака да му се обрати. Нема некој правила и прописи од типот на ти треба да си панкер, треба да си металец, да слушаш поп или не знам што, во секој момент можеш да дојдеш, да ја разбереш нивната смисла за музицирање, за изразување, за хумор, смислата на нивните текстови и секогаш ќе можеш и ќе бидеш спремен да се насмееш на истото. Дури и оние кои по прв пат доаѓаат во контакт со нивната музика и нивната пројава на сцена го доживуваат истото. Ги доживуваат како неверојатно позитивни личности и индивидуи. “

Обично групите да речеме прават „бест оф“ или „лајф албум“ за вакви пригоди, ние сме жив бенд кој што постојано работи, значи 15 години кога велам тоа подразбира 15 години континуирано делување без прекини, и затоа се решивме да направиме нов албум.
Владимир Стојчевски, музичар.

„Денот да е радосен“ е во продукција на Авард филм и видеои Универзитетот за аудиовизуелни уметности, а за Поповска треба да се спомне дека Факултет за филмска и телевизиска уметност завршува во Софија, Бугарија.


Во 2009-та година таа учествува во едноминутната селекција на Скопскиот филмски фестивал со краткиот филм "Ми енд ју". Три години подоцна е ко-режисер и монтажер на краткиот документарен филм за Македонскиот параолимпиец Ванчо Каранфилов "Живот бр.2" , филм изработен за потребите на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Во 2011 година режисерката соработувала со независниот театар "Театра" и со групацијата за промоција на електронска музика "Бас инфузија".

Владимир Стојчевски од своја страна, пак, забележува дека во целата работа добро било тоа што тој лично од самите почетоци на бендот ревносно водел архива за се што прват надевајќи се дека еден ден од сето тоа би можело да биде филм. Тој дополнува дека документарецот е правен без буџет, со помош на пријатели и со учество на некои студенти од ЕСРА на кои делото подоцна им било всушност дипломска работа.

„Фактот дека „Денот да е радосен“ е правен без буџет воопшто не ја намалува продукциската вредност бидејќи се трудевме да направиме квалитетен филм, а мислам дека и богатството на архивски материјали исто така му даваат особена вредност на филмот. “

Тој појаснува дека деновиве тие имале средба со Тони Шариќ, директорот на ДОРФ и човекој кој веќе неколку години ја потпишува селекцијата на музички документарци на СИНЕДЕЈС, дека аплицирале и на ЗАГРЕБДОКС и дека делото ќе го праќаат на сите фестивали во регионов каде што има селекција за вакви остварувања.

Од друга страна, по премиерата на „Денот да е радосен“ во кино „Фросина“, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ ќе одржат и промотивен концерт на материјалот за својот нов студиски албум „Мит ми комен“.

„Обично групите да речеме прават „бест оф“ или „лајф албум“ за вакви пригоди, ние сме жив бенд кој што постојано работи, значи 15 години кога велам тоа подразбира 15 години континуирано делување без прекини, и затоа се решивме да направиме нов албум. На албумот се поместени 15 песни иако имавме снимено повеќе... дел не влегоа во крајната селекција и најверојатно ќе останат за некое следно издание ...а насловот „Мит ми комен“ доаѓа од песната „22 дивизија“ која што е отпеана на германски јазик и значи „Дојди со мене“, истакнува Стојчевски.

Инаку, на албумот свират и пеат: Мирослав Тодоровски (вокал), Трајче Митрески (гитара и вокал), Марјан Китановски (гитара, вокал, усна хармоника, гајда, jaw harp), Божо Вучиниќ (гитара и вокал), Владимир Стојчевски (бас), Андреј Анастасов Еди и Слободан Хаџи Илиев (тапани) и Дарко Поповски Блуз (клавијатури).

Музиката, текстовите и аранжманите се на членовите на бендот, а автор на цртежот за обвивката на изданието е Марко Георгиевски.

Албумот е сниман во добро познатото традиционално рокенрол дувло - СТУДИО КАЈ ТРАЈЧЕ, а како музички продуценти се јавувааат Митрески и Поповски.