Достапни линкови

Анимакс 2013 во потрага во радосната линија на животот


Со премиерата на „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов, вечерва од 20 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, започнува третото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“. На единствената ваква манифестација кај нас, од 7 до 9 ноември, под мотото „Радосната линија на животот“, ќе бидат прикажани 54 филмови од 28 земји од светот.

Педесет и четири дела, селектирани од пријавените 257 од дури 50 земји од светот, ќе бидат прикажани на Третиот меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, што од 7 до 9 ноември, во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Во официјалната програма се и седум анимирани филмови за деца, одбрани од 25-те пријавени, и тие ќе се борат за една од трите награди – златна, сребрена или бронзена „Тула“.
Имаме нагорна линија на квалитетот и рекорден број на пријавени филмови, што укажува дека сме се позиционирале на светската мапа на фестивали.
Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс Скопје Фест“.

Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс Скопје Фест“.
Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс Скопје Фест“.
„Имаме нагорна линија на квалитетот и рекорден број на пријавени филмови, што укажува дека сме се позиционирале на светската мапа на фестивали. Нè радува и зголемениот број македонски филмови во селекцијата за награди. Моравме да ја збиеме програмата во три дена, но се надеваме дека идната година на четвртото издание ќе се рашириме на исто толку фестивалски вечери“, вели во пресрет на отворањето Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс Скопје Фест“.
Сега нема бегање. Треба да се чекори напред. Ќе се најде некој мецена, некој човек кој ќе има чувство и за тоа да помогне на спроти кризата.
Благоја Куновски – Доре, селектор на програмата на „Анимакс Скопје Фест“.

Тој истакнува дека основната причина за постоењето на оваа манифестација, дефинитивно најмладата во регионов, е желбата и потребата анимираниот филм на широка врата да влезе во Македонија и дека тие, како негови организатори, на него гледаат како на уникатна можност за презентирање на домашните креативни потенцијали и нивно позиционирање во глобални рамки. Од таму, нималку не чуди што овојпат сите три фестивалски вечери ќе почнуваат со по еден македонски филм, па така освен „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов, публиката ќе има можност да ги проследи и одличниот „Алерик“ на Вук Митевски и „Зевање (или животот накратко)“ на Ице Виранов.

Благоја Куновски – Доре, селекторот на програмата, потенцира дека импонира големиот интерес за учество на манифестацијата и вели дека е убаво публиката да другарува со еден медиум кој има неограничени можности, кој е се попопуларен во светот и кој дефинитивно никогаш нема да згасне затоа што се избори за својата посебност во друштво со сите уметности. Тој дополнува дека стокмиле солидна програма со неколку ремек дела, дека избраните филмови се разновидни во изразот (2Д, 3Д, стоп-анимација) и во тематиката, при што најзастапени се социјалните мотиви, а тука се и делата во кои се говори за отуѓувањето на урбаниот човек, кризите и конфузноста на модерното време.

Куновски потсетува дека покрај прочуената Загрепска школа на цртаниот филм, благодарение на остварувањата на Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, на други автори кои своевремено работеле во анимираното студио на „Вардар филм“, високи позиции во оваа област на просторот на некогашна Југославија остварила и скопската, но вели дека е уште позначајно дека по долгата пауза се појавува нова генерација на творци кои се на убав пат да го рехабилитираат некогашниот успех и славата на овдешната анимациска школа.

„Природно беше и Скопје да се јави со еден ваков фестивал. Среќна беше околноста што во 2011 имавме убав повод – 40 години од првиот македонски анимиран филм, 1971 година „Embrion. No. M“ на Петар Глигоровски. И сега нема бегање. Треба да се чекори напред. Ќе се најде некој мецена, некој човек кој ќе има чувство и за тоа да помогне на спроти кризата“, вели тој.

Во придружната програма ќе бидат прикажани 11 анимирани филмови од студиото „O!PLA“ од Полска чија цел е проширување и споделување на анимациската уметност, а својата македонска премиера ќе ја доживее и израелскиот филм „Њоша“ на Лиран Капел. Специјалната проекција и претставувањето на целокупното дело на авторката ќе се одржи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија.

Покрај ова, планирано е предавање да одржи Марко Мештровиќ, аниматор од Хрватска, а со особено внимание се очекуваат работилниците „12 основни правила за анимирање од Дизни и нивно имплементирање во стоп-анимацијата“ на Симон Волски од полското студио „Се-ма-фор“ и онаа за деца каде ментор ќе биде Крсте Господиновски, професор на катедрата за анимација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и автор на „Ловот“ и соработник во „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG