Глубус – Ригорозните казни се хајка против сопствениот народ
ригорозните и баснословни казни се хајка против сопствениот народ и метод за влевање страв, наметнување покорност, молк, принуда граѓаните уште подлабоко да се вовлечат во себе.Глобус.
Преродбата, надградувана и проширувана со стотици нови чекори, државата и општеството ги „прероди“ до непрепознатливост, заклучува авторот на колумната Таленти во најновиот он-лајн магазин Глобус. Па објаснува дека Македонија веќе престана да наликува на нормална држава, а тешко дека уште долго ќе може да опстане како држава ако преродбениците продолжат да ја преродуваат со вакво самоволие и неодговорност кон граѓаните. Лавината од казни за сè и сешто е најновиот чекор на „преродба“, забележува Глобус и продолжува дека, ригорозните и баснословни казни се хајка против сопствениот народ и метод за влевање страв, наметнување покорност, молк, принуда граѓаните уште подлабоко да се вовлечат во себе. А законите со кои на народот му се закануваат ригорозни казни ги носат „народните избраници“, истите оние што народот ги избрал да ги штитат неговите интереси, кои без око да им трепне гласаат закони кои го казнуваат тој народ. Власт која владее со закани, казни и страв е страховлада, заклучува авторот на истоимената колумна во Глобус.
Фокус - Селфи со Субрата Рој!
Првото е доказ за фрагилноста на економските политики, второто - запален политички фитиљ кој тлее од моментот кога беше пукано во невините жртви, а третото ќе биде вовед во отворена криза, а сите три заедно, вовед во дополнително засилување на меѓуетничките тензии и на економскиот притисок под кој се наоѓа земјава.Фокус.
„Селфи со Субрата Рој!“ извикува авторот на воведната колумна во Фокус, правејќи паралела меѓу пропаѓањето на инвестицијата на „Сахара груп“, случајот и пресудите за „Монструм“ и „бомбата“ на Заев од која „ќе се срамиме и како држава“. Првото е доказ за фрагилноста на економските политики, второто - запален политички фитиљ кој тлее од моментот кога беше пукано во невините жртви, а третото ќе биде вовед во отворена криза, а сите три заедно, вовед во дополнително засилување на меѓуетничките тензии и на економскиот притисок под кој се наоѓа земјава. Освен, пишува Фокус, ако набрзина спорот за името прогресира кон решение, а тоа во моментов се чини невозможно!
Република - Што крие медијаторот?
Република се обидува да го анализира говорот на телото на Нимиц кога ја даваше изјавата за новинарите по последната рунда разговори за името во Њујорк, загатнувајќи уште на насловната: „Што крие медијаторот?“ и давајќи свој одговор: „Полирање пред решение“. Стариот дипломатски лисец, кој досега имал педесетина изјави пред македонските и грчките новинари, при последната изјава внесе неколку елементи што можат да бидат многу значајни, пишува Република, анализирајќи дека според тоа што Нимиц рацете ги држел в џеб можело да се смета дека е смирен и сталожен, но неколкуте неконтролирани нишања со целото тело говореле за немирот што постоел кај него. Според непотпишаниот текст во неделникот, Нимиц ја поставил најголемата дилема со употреба на зборот „рефинемент“, што во политички контекст значи дека се работи на подобрување или разјаснување на прашања. Дали тоа значи дека двете страни имаат некаков основен договор, кој сега треба да се исполира, ќе покаже времето, сепак не е толку сигурна Република.