Достапни линкови

Нови фискални, нови давачки, нови проблеми


​​Управата за јавни приходи соопшти дека од скоро 9.000 компании кои имаат ваква обврска, 5.000 воопшто не ги купиле апаратите. Оние без нови апарати ќе се соочат со временски забрани за работа и со парични казни.

Фирмите кои годишно прават промет над 10 милиони денари, кафулињата, рестораните и бензинските пумпи, денеска им беше последен рок да ги постават новите фискални каси со ГПРС уреди.

Не само што се бара промена на самиот апарат, туку фирмата задолжително мора да има два апарти, што повторно претставува зголемување на нивните трошоци. Тој апарат ќе биде причина да се казнуваат фирмите.
Арбен Халили, Стопанска комора на северозападна Македонија.

Управата за јавни приходи соопшти дека од скоро 9.000 компании кои имаат ваква обврска, 5.000 воопшто не ги купиле апаратите, а тоа го направиле само 3.900 фирми. Од УЈП велат дека фирмите кои не ги купиле новите фискални каси, ќе се соочат со временски забрани за работа и со парични казни.

Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека во време на криза и неликвидност, секоја нова давачка и инвестиција претставува товар за фирмите. Новите фискални каси, според Халили, освен што ги зголемуваат трошоците за фирмите, овозможат и нивно дополнително казнување.

„Фирмите веќе имаат фискални апарати што ги користат и сега во име на борбата против сивата економија и следењето на секој паричен тек во рамките на бизнис заедницата, не само што се бара промена на самиот апарат, туку фирмата задолжително мора да има два апарти, што повторно претставува зголемување на нивните трошоци. Тој апарат ќе биде причина да се казнуваат фирмите и од друга страна сметам дека е време Владата повеќе да се насочи кон развојните политики на стопанството, отколку кон донесување на закони и воведување на нови апарати коишто можат да бидат дополнителна причина за казнување на фирмите и за загрозување на нивните секојдневни активности.“

Во најновиот извештај на „Дуинг бизнис“, Македонија е високо оценета според предностите за водење бизнис. Арбен Халили вели дека во земјава лесно се отвора фирма, но истакнува дека тие тешко опстануваат на пазарот поради новите закони кои влијаат врз нивниот развој, посебно поради намалувањето на прагот на ДДВ-то.

„Реално, многу е лесно во Македонија да се отвори фирма, но за жал многу е тешко да се остане на овој пазар, посебно заради фактот што со донесувањето на последните закони директно се влијае врз развојот на новоформираните фирми, посебно поради намалувањето на прагот на ДДВ обврзниците. Една мала фирма многу лесно може да стане ДДВ обврзник, а од друга страна да ги нема наплатено фактурите и да мора да и плати на државата. Значи фирмите се директно загрозени со паричниот тек на средствата. Од друга страна честите намерни контроли во стопанството на некој начин ги забавуваат фирмите коишто сакаат да го развијат бизнисот. Има и други проблеми, посебно што новоформираните фирми често не се спремни да бараат повраток на ДДВ-то, со изговор дека утре може да им дојде инспекција и да ги казни. Има различни моменти и фази со кои за жал се продолжува загрозувањето на новоформираните и на постоечките фирми“, вели тој.

До 31 јануари 2015 година сите останати фирми ќе треба да постават нови фискални каси со ГПРС уреди, преку кои УЈП во секој момент ќе може да го следи нивниот промет и нивните финансиски извештаи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG