Меѓународно биенале на фотографска уметност – Фотомедиа 2014

Околу 150 фотографии од автори од седумте континенти ќе бидат претставени на четиринаесеттото Меѓународно биенале на фотографска уметност – ФОТОМЕДИА, што во организација на Фото клуб „Елема“ од Скопје, од 12 ноември ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам. Добитник на годинашното Гран при на конкурсот е Аугунас Ромуладас од Литванија.

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифет амам, од 12 ноември ќе се одржи четиринаесеттото Меѓународно биенале на фотографска уметност – ФОТОМЕДИА. Станува збор за една од ретките изложби на која се испраќаат готови испечатени фотографии, која е апсолутно непрофитабилна и чие одржување се потпира на огромниот волонтерски труд и посветеност кон фотографијата на дел од членовите на Фото клубот „Елема“ од Скопје, организаторот на ова несекојдневно културно случување.

Добивме многу фотографии кои се малку поразлични од оние кои што ги примаме и што ги жирираме на дигиталните меѓународни изложби.
Боро Рудиќ, еден од членовите на меѓународното жири на ФОТОМЕДИА 2014.

На конкурсот за годинашното издание на Биеналето пристигнале 654 фотографии од 176 автори, од кои по селекцијата, за постановката се одбрани 147 од 86 творци од светот.

„Добивме многу фотографии кои се малку поразлични од оние кои што ги примаме и што ги жирираме на дигиталните меѓународни изложби“, вели Боро Рудиќ, еден од членовите на меѓународното жири на ФОТОМЕДИА 2014.

Музиката, играта, танцот, колку и да изгледа тоа лесно навистина е многу тешко да се снимат. Ромуладас на еден хуман и убав начин го има тоа постигнато и тоа не плени сите, така да неговата колекција едноставно исплива на површина и затоа бевме едногласни околу тоа дека таа е најдобра на ФОТОМЕДИА 2014 и дека заслужува да ги понесе Плакетата на град Скопје и Златниот медал на ФИАП за колекција.
Боро Рудиќ, еден од членовите на меѓународното жири на ФОТОМЕДИА 2014.

Тој појаснува дека има голем број на сериозни автори кои воопшто и не учествуваат на конкурсите на дигитална фотографија и дена за ова Биенале пристигнале доста свежи фотографии и колекции со заокружена творечка мисла и концепт. Истакнува дека наспроти задоволството да ја сторат селекцијата, имале и тешка задача да ги одберат најдобрите. Конечно се одлучиле првата награда или Гран при на конкурсот што подразбира и Златен медал на ФИАП да му припадне на Аугунас Ромуладас од Литванија.

„Музиката, играта, танцот, колку и да изгледа тоа лесно навистина е многу тешко да се снимат. Ромуладас на еден хуман и убав начин го има тоа постигнато и тоа не плени сите, така да неговата колекција едноставно исплива на површина и затоа бевме едногласни околу тоа дека таа е најдобра на ФОТОМЕДИА 2014 и дека заслужува да ги понесе Плакетата на град Скопје и Златниот медал на ФИАП за колекција“, потенцира Рудиќ.

Добитник на Сребрениот медал на ФИАП е Раде Луковиќ од Македонија за колекцијата „Коњи“, а третопласиран на конкурсот е Бранислав Бркиќ од соседна Србија за серијата фотографии „Планински пејзажи“.

Од друга страна, Златниот медал што го доделува Фото сојузот на Македонија му припадна на охриѓанецот Зоран Велјановски Летра, сребрениот на Роман Дадионов од Русија, а бронзениот на Сунита Аич од Индија.

Инаку, како куриозитет за ова издание на ФОТОМЕДИА, е што на самата Изложба во Чифте амам, додека публиката ги разгледува фотографиите, ќе биде емитувана музика која е софтверски генерирана од имињата на сите автори кои испратиле свои дела на конкурсот, од имињата на нивните творби и конечно од имињата на сите оние кои на некој начин биле вклучени во процесот на подготовка на постановката.

„Тоа не е ништо спектакуларно, просто е интересно веројатно како концепт. Можеби некој музичар би го развил понатаму многу подобро, но за нас на некој начин ова се покажа како убав вентил да ја извадиме фрустрацијата од сите тие педантни работи како прегледувањето или препишувањето на списоците со разните имиња за кои веројатно и не сме најспремни“, ќе рече Сашо Н. Алушевски – претседател на Фото клуб „Елема“ и прв човек на ФОТОМЕДИА 2014.