Тутунари си ја бараат премијата од државата

Тутунари велат дека по изборите државата не им дала пари за откупениот тутун. Секој од нив ги очекува неколкуте илјади евра за да си ги подмират сметките.

Рамадан Бајрамоски од долненско Дебреште, вели од како знае за себе, живее од тутунопроизводство, со тутун растел, така ги одгледал трите деца, така денес се грижат за внуците. Сите осум члена од семејството се мачат по нивните за да врзат крај со крај, за да обезбедат минимална егзистенција и школување на внуците. Целата надеж годинава им била во премијата. Ги намириле главните давачки за земјоделските работи, со верба дека ќе им биде навреме исплатена премијата за тутунот. Нему државата, како што тврди, му должи околу 3.000 евра, за тутунот од ланската реколта.

Дали вода да платиме, дали струја, дали деца за во училиште. Не знам семејство ќе се издржи со тие пари. Извршителите си идат за вода, за струја, за сè и сешто, а годинава луѓето немаме ни дрва да купиме. Оние пари што требаше да ни останат чисти од премијата не ни се дадени и сега пари немаме.
Рамадан Бајрамоски, жител на село Дебреште.

„Дали вода да платиме, дали струја, дали деца за во училиште. Не знам семејство ќе се издржи со тие пари. Извршителите си идат за вода, за струја, за сè и сешто, а годинава луѓето немаме ни дрва да купиме. Оние пари што требаше да ни останат чисти од премијата не ни се дадени и сега пари немаме“, се жали Бајрамоски.

Реагираат и многу други тутунари од прилепско.

„Исплатија до 26 фебруари, прекинаа за изборите, после изборите и до ден денеска немаат изјавено ништо за премијата. Министерот изјавува дека целата премија е исплатена, а воопшто не е исплатена од 26 фебруари до 15-ти март“.

„Јас имам предадено некаде 1.700 килограми тутун, премија немаме земено ни денар. Бараме од Министерството да се исплатат субвенциите за тутун“.

Прво овие откупувачите кога ќе дојде сега откупот, не условуваат. Ако имаш произведено 1.500 килограми, а имаш склучен договор на 1.200 кгр, не ги откупуваат тие 300 килограми.
Сабри Мифтароски, жител на село Дебреште

Сабри Мифтароски од Дебреште, освен овој, посочува и на друг проблем.

„Прво овие откупувачите кога ќе дојде сега откупот, не условуваат. Ако имаш произведено 1.500 килограми, а имаш склучен договор на 1.200 кгр, не ги откупуваат тие 300 килограми. А, за оваа година сега очекуваме уште повеќе“, вели Мифтароски, истакнувајќи дека Дебреште и неколку други села во Долненско живеат исклучиво од тутунопроизводство.

Проблемот им е познат и на тутунските здруженија од повеќе општини и на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија. Прилепските социјалдемократи пак ја обвинуваат власта дека не го почитува законот.

„Со измената која што ја направија на законот за тутун и тутунски производи и се однесуваше доколку некои средства од страна на тутунарите не се платени, тие требаше да бидат пребиени во делот на исплатата на субвенции. Тие за жал не го почитуваат законот којшто сами го донесоа во Собрание“, вели пратеникот Горан Сугарески од прилепската организација на Социјалдемократскиот сојуз.

А, годинешната реколта според очекувањата на тутунарите ќе биде потешка за околу 5.000 тони во однос на договорените количества.