Субвенциите или доцнат или земјоделците сè уште не ги добиле. Рокот за нивно исплаќање за 2013 година заврши на 31 јуни. Кире Неделковски, кој се занимава со одгледување на тутун, вели дека земјоделците сè уште ги немаат добиено субвенциите и не знаат во што е проблемот. Според него, на најмалку 30 отсто од тутунарите не им била исплатена ветената помош од државата.
Не знаеме што да правиме, не можеме нивите да ги спремаме за пролет, да изораме. Еве откуп немаше и сега има проблеми оваа година, не знаеме што ќе правиме, а имаме борчови по аптеки што имаме земано, пари од никаде.Кире Неделковски, земјоделец.
„Не знаеме што да правиме, не можеме нивите да ги спремаме за пролет, да изораме. Еве откуп немаше и сега има проблеми оваа година, не знаеме што ќе правиме, а имаме борчови по аптеки што имаме земано, пари од никаде. Се надевавме дека ќе земеме од субвенциите, ама нема ништо, нема никаква најава. Слушаме министерот вели дека се исплатени, а тука, на терен, не е така“, вели тој.
Неделковски додава дека немаат пари да си ги подмират долговите и немаат средства за работа. Субвенции, според него, биле испатени само пред изборите.
Си имаме планови ние земјоделците, ќе стигнат субвенции па ќе земам репроматеријали. Знаете како е, земјоделието е осетлива работа ако не се стигне навреме, сеидбите си имаат рокови.Тоде Лазаревски, земјоделец.
„Нема тутунар што ги има земено целосно. Исплатија субвенции само околу изборите, од тогаш наваму нема ништо пуштено. Немаме средства, плус имаме проблеми поради борчовите, што земавме билки, заштитни средства, ѓубрива, не ни се платени, планиравме од субвенциите, ама еве сега има проблеми и со тоа и не можеме да работиме“, вели Неделковски.
Тоде Лазаревски, кој се занимава со садење житни култури, вели дека нему му биле исплатени субвенциите, но со задоцнување.
„Си имаме планови ние земјоделците, ќе стигнат субвенции па ќе земам репроматеријали. Знаете како е, земјоделието е осетлива работа ако не се стигне навреме, сеидбите си имаат рокови. И ние некогаш со закупнина доцниме, на пример јас сега доцнам. Немам пченица предадено, цената е ниска и закупнината сè уште не ми е исплатена. Ако ме алармираат, ќе мора да подигнам кредит за да платам“, вели Лазаревски.
СДСМ ја обвини владата дека не им ги исплатила субвенциите на поголемиот дел од земјоделците, иако рокот е изминат. Од опозициската партија ја прашаа владата дали се чекаат нови задолжувања за нивно подмирување. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека имало дисконтинуитет во субвенциите за 2013 година поради изборниот процес.