Достапни линкови

Тутунарите си ги бараат субвенциите


Тутунарите од долненското село Дебреште бараат итно да им биде исплатена премијата за тутунот од ланската реколта.

Четириесет и петгодишниот Адем Незироски од долненското село Дебреште цел живот се занимава со тутунопроизводство. Вели со тутунот пораснал и тој и неговите деца. Минатата година со своето петчлено семејство, обработувале тутун, на речиси 20 декари. Собрале околу 3 тони. За оние количества кои ги предале во Сокотаб, добиле премија, но за другите количества, вели дека не зеле ниту денар. Сега тешко се снаоѓаат, бидејќи во тек е бербата на годинешната реколта, трошоците за живот растат, уште повеќе за земјоделство. А, тутунопроизводството им е единствен услов за опстанок на семејството.

„Во 2013 година, јас произведов 3 тони тутун, до ден денеска немам земено субвенции од државава. Па мене, ми должи околу 2.000 евра, прашав јас во Агенцијата, во финансии, ми рекоа ќе ги добиете, па сега кога ќе ги добиеме, да борчам на државата, не борчам, да имам нешто за плаќање –немам, е сега кога ќе ни ги платат, ние со тоа врска немаме, тоа треба да го каже и Владата и Агенцијата“, вели Незироски.

Ми должи околу 2.000 евра, прашав јас во Агенцијата, во финансии, ми рекоа ќе ги добиете, па сега кога ќе ги добиеме.
Адем Незироски од долненското село Дебреште.

Во ова долненско село најголем дел од околу 4.000 жители, не добиле премија за ланската реколта. Мештаните велат многу пати побарале одговор во банките, со месеци одат ги проверуваат своите сметки и за тоа трошат пари, но попусто. Пари нема. Ги упатувале одговор да побараат од надлежните министерства. Добиле ветувања, дека ќе ги добијат овие пари, но тие сега губат надеж.

„Да ги пуштат парите, имаме вода, струја, за плаќање, а немаме друго, од каде, не сме ни вработени.“

„Како што прашуваме, велат дека ќе биде божем исплатени парите, но колку како, не знаеме, оставаме неплатени сметки и ред други работи“.

Тутунопроизводителите од ова село се соочуваат со големи проблеми, бидејќи како што велат, речиси и да нема некој вработен. Сите живеат и зависат од временските услови и одлуките на Владата, бидејќи цел живот освен со работа по нивите,со ништо друго не можат да се пофалат.

„Пред изборите господинот Груевски ја пушти премијата, имавме мала килажа, некои 300, некои 500 килограми, ја пушти премијата пред изборите, си ги зедоа парите луѓето. Поминаа изборите, еве сега 80 до 90 отсто од луѓето немаат земено премија, само од Дебреште. А, тогаш велеше Груевски, сега на земјоделците, премијата ќе им ја дадеме“, вели Кадри Алиоски од Дебреште.

Но, не само од ова, тутунарите и од други соседни села во општина Долнени, се жалат дека не добиле премија за оваа реколта, иако тврдат дека немаат никаков долг кон државата.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG