На десетици хектари земјоделско земјиште во Пелагонија противзаконски се произведува крупнолисен тутун, тип Вирџинија, а нема податоци кој и каде го откупува, обвини Александар Кирацовски од општинската организација на СДСМ. Тој им се обрати на десетици илјади семејства кои живеат легално од производство на тутун, дека во земјава има привилегирани поединци кои дебело заработуваат.
Некој дебело заработува од одгледување тутун на црно. Имаме и фотографии од земјиштето на кое е посаден крупнолисниот тутун тип Вирџинија. Вие знаете дека за овој тип тутун, Вирџинија, нема откупни претпријатија во земјава, а дека според законот, тутун може да садат само земјоделци кои имаат склучено договор со откупно претпријатие.Александар Кирацовски, потпретседател на СДСМ.
„На само десетина километри одовде, во околината на село Могила, некој дебело заработува од одгледување тутун на црно. Имаме и фотографии од земјиштето на кое е посаден крупнолисниот тутун тип Вирџинија. Вие знаете дека за овој тип тутун, Вирџинија, нема откупни претпријатија во земјава, а дека според законот, тутун може да садат само земјоделци кои имаат склучено договор со откупно претпријатие. Не се работи за мали парцели. На десетици хектари земјоделско земјиште се одгледува овој тип на тутун“, изјави Кирацовски.
Тој додава дека овој тутун се откупува за три до четири пати поскапо од другите легални типови на тутун за кои има организиран откуп во земјава.
Констатирано било дека има нелегално производство на широколисен тутун на 60 хектари за кои нема склучени договори со откупни претпријатија.Министерство за земјоделство.
„Според информации на искусни тутунопроизводители, откупот на недозволениот крупнолисен тутун се врши за цена помеѓу пет и седум евра за килограм. Тоа е помеѓу 300 и 420 денари за килограм, од овој тутун! На црно! Колку е платена вашата чесна тутунарска мака? 110 денари, 180 денари најмногу по килограм тутун. Бавно, по низа ценкања со откупувачите и власта“, додава Кирацовски.
Тој побара од надлежните институции, Државниот инспекторат за земјоделство и МВР да одговорат кој го врши откупот на овој тип тутун, каде завршуваат илјадници тони и за што се користи?
Од Министерството за земјоделство соопштија дека инспекторатот извршил неколку контроли во периодот од 5 до 15 септември во атарот на селата Могила и Кукуречани. Констатирано било дека има нелегално производство на широколисен тутун на 60 хектари за кои нема склучени договори со откупни претпријатија. Нелегално производство било пронајдено кај 24 физички лица на кои согласно законот за тутун им е изречена казна во висина од 600 евра и им се издадени решенија за забрана на производство и пласман на овој тип на тутун. Дванаесетмина од нив не се придржувале кон решенијата, па ќе им биде изречена казна од 1500 евра. Во тек е акција за одземање на нелегалното производство на тутун.