Вода од река - за пиење или за струја?!

Жителите на тетовското село Вратница не дозволуваат да се изгради хидроцентрала на реката Ракита. Велат имотот е нивен, а и реката не е за хидроцентрала. Концесионерот пак вели дека ќе градат на државно земјиште.

Четири месеци трае конфликтната состојба меѓу жителите на тетовска Вратница и фирма која добила концесија за изградба на хидроцентрала на реката Ракита, за што се противи месното население. Мештаните во овој период во неколку наврати ги спречува обидите на фирмата да почне со градежните работи. Тие тврдат дека имотот покрај реката е во приватна сопственост и дека инвеститорот не може своеволно да го користи при градењето на хидроцентралата.

Сите тие што имаат имоти покрај оваа река, воопшто не се ни консултирани, воопшто не се ни прашани.
Анкетиран граѓанин.

„Сите тие што имаат имоти покрај оваа река, воопшто не се ни консултирани, воопшто не се ни прашани.“

„Тука имам едно место, со кое право државата го превзела местото, да ме избрише мене, а да стави тоа да биде шумско, државно.“

„Имаме три хектари место овде“, велат жители на Вратница.

Мери Младеновска Георгиевска од адвокатскиот тим на фирмата Норт Енерџи Груп, вели дека сите градежни активности е планирано да се прават на земјиште сопственост на државата.

Нема да се работи на имот на физички лица. Напротив врз основа на она на кое се однесува самото одобрение за градење.
Мери Младеновска Георгиевска, адвокат.

„Сите лица кои ги има ангажирано инвеститорот, кои се задолжени за извршување на градежните работи, значи ќе работат врз основа на добиената документација одобрена од институциите на Република Македонија и ќе ги запазуваат тие процедури. Нема да се работи на имот на физички лица. Напротив врз основа на она на кое се однесува самото одобрение за градење“, вели Мери Младеновска Георгиевска, адвокатката на фирмата.

Мирослав Кировски од месната заедница на Вратница.

Покрај недоразбирањта за земјиштетот, жителите сметаат дека со ваквото користење на речниот водотек ќе останат без вода за пиење, а воедно ќе се наруши природната средина.

Нема доволно вода, се суши, а камоли кога ќе се направи централа.
Мирослав Кировски од месната заедница на Вратница.

„Водата според сите закони, приоритетно е за пиење, второ за наводнување, а дури потоа да речеме петто по ред е нејзиното искористување за ваков хидро-електричен потенцијал“, вели Мирослав Кировски од месната заедница на Вратница.

Тој додава дека нема доволно вода и без хидроцентрала.

„Нема доволно вода, се суши, а камоли кога ќе се направи централа. Орашко поле, Староселско, Вратничко поле, полнење на акумулацијата на вештачкото вратничко езеро ќе се пресушат.“

И двете страни велат дека комуницираат со надлежните институции, општината Јегуновце и министерствата и се надеваат дека ќе добијат одлуки во нивна полза.