Ракометарките се враќаат на големите натпреварувања

Македонската женска ракометна репрезентација денеска ја стартува битката за пласман на СП кое во декември 2015-та година ќе се одржи во Данска.

Со играчки кадар чија просечна возраст е 22 години, но и со состав во кој како никогаш претходно имаме дури девет интернационалки, македонската женска ракометна денеска (9 октомври) ќе ја стартува битката за пласман на СП кое во декември 2015-та година ќе се одржи во Данска.

Целта ни е да бидеме на прво место и така се подготвуваме и така размислуваме. Двете екипи (Италија и Исланд) се рангирани пред нас, меѓутоа влегуваме далеку пооптимистички во.
Ристо Магдинчев, селектор.

Овој пат, по две пропуштени големи натпреварувања (последен пат бевме дел од ЕП во Србија пред две години, по што го пропуштивме ланскиот Мундијал и годинашното Еуро), почнуваме од претквалификациите во кои сме во група со Италија и со Исланд. Во ова друштво за влез во мундијалскиот бараж мора да го освоиме првото место, што нема да биде лесно, но и за што, според селекторот Ристо Магдинчев имаме сили.

„Целта ни е да бидеме на прво место и така се подготвуваме и така размислуваме. Двете екипи (Италија и Исланд) се рангирани пред нас, меѓутоа влегуваме далеку пооптимистички во смисол на тоа дека екипата веќе осум месеци е заедно, работиме, тренираме, поискусни сме, веќе имаме повеќе интернационалки кои што играат во странство, така што имаме една попозитивна атмосфера и шанса за подобар резултат“, рече Магдинчев.

Две години не нема на големите натпреварувања и ова ни е шанса да се вратиме на старите патеки, да го освоиме првото место во групава и да се пласираме во баражот. Но, сепак, нема да биде тоа лесно.
Робертина Мечевска, капитен.

Првиот тест за овој оптимизам ќе го имаме денеска (од 17.45 часот) во СРЦ „Кале“ во Скопје, каде што ќе ги одмериме силите со Италија. Тоа е противник кој не смее да се потцени, но и ривал кој не би требало да биде непремостлива пречка, смета Магдинчев.

„Никогаш не ни сум потценувал некого, меѓутоа мора да го почитуваме противникот. Ние кога ќе кажеме Италија и мислиме готово, како дека не знаат да играат ракомет или што знам, дека се аутсајдери. Екипата е ОК, меѓутоа имаме ние капацитет да се справиме со Италија и верувам дека ќе победиме“, вели тој.

Слично размислуваат и ракометарките. И тие се убедени дека актуелната генерација, која е спој на младост и искуство, е кадарна да стави крај на поразителната серија. Затоа и ги повикуваат љубителите на спортот во што е можно поголем број да го искористат слободниот влез за утрешниот дуел во салата „Кале“, каде што, според капитенот Робертина Мечевска, ќе имаме противник по мерка за победнички старт на квалификациите.

„Две години не нема на големите натпреварувања и ова ни е шанса да се вратиме на старите патеки, да го освоиме првото место во групава и да се пласираме во баражот. Но, сепак, нема да биде тоа лесно, треба да се потрудиме да изиграме најдобро што можеме и најзначајно е да почнеме со победа во овој циклус за да ни се врати самодовербата, бидејќи навистина многу време немаме победено. Верувам дека Италија е идеален противник после две години да победиме конечно, а потоа ќе размислуваме за Исланд“, истакна Мечевска.

Реваншот со Италија ќе го одиграме в недела (12 октомври, во Фолоника), а дуелите со Исланд, по кои ќе биде познат патникот во баражот, се закажани за 3-ти (во Исланд) и за 6-ти декември (во Македонија).