Со пчеларство се занимаваат смирени, трпеливи и тивки луѓе. Не ретко пчеларството e традиционална, семејна, наследна дејност, а субвенциите од државата се доволни за конвенционалните, но не и за пчеларите кои преминуваат на органско пчеларство. Пласманот на овие производи главно се одвива по препорака од корисниците кои имаат доверба во производителот, објаснуваат кумановските пчелари. Според тоа, колку време и работа треба за да се дојде до финалниот производ, пчеларите сметаат дека цената е ниска.
На 820 метри надморска височина. Кај мене и минатата година беше добра. Цената не е добра. Нема многу работа, но бара прецизност и погодно место, зашто пчелата сака чист воздух и добар цвет.Сабит Сајдиу, пчелар од Куманово.
Сабит Сајдиу од Куманово, вели дека неговата фамилија оддамна се занимавала со пчеларство, а пчелите ги одгледува во липковскиот реон.
„На 820 метри надморска височина. Кај мене и минатата година беше добра. Цената не е добра. Нема многу работа, но бара прецизност и погодно место, зашто пчелата сака чист воздух и добар цвет.“
Среќко Стошевски е индивидуален земјоделец. Заедно со брат му со пчеларство се занимава 15, а од пред шест години преминале на органско производство. Тие имаат три пчеларници, на различни локации во козјачието. За органско производство тој раскажува дека се разликува од конвенционалното, не само по третманот на пчелните семејства, туку и по содржината на медот.
На пречник од пет километри не треба да има обработлива површина. Треба да биде поскап овој мед, но се уште немаме доволно количество за да можеме да продаваме на големо и надвор од Македонија.Среќко Стошевски, пчелар од Македонија.
„На пречник од пет километри не треба да има обработлива површина. Треба да биде поскап овој мед, но се уште немаме доволно количество за да можеме да продаваме на големо и надвор од Македонија“, вели Стошевски.
Во Куманово постои здружение, а во него членуваат само 70-тина пчелари, иако велат пчеларите нивната бројка е барем за четири пати поголема.
Чедомир Спасовски петта деценија се занимава со пчеларство.
„И татко ми чувал пчели уште од 1948 година. А јас самостојно од 1971 година, со пауза од година ипол кога бев во војска.“
РСЕ: Користат ли кумановци доволно мед или само кога се болни?
„Претежно така го третираат медот како производ, но има и прилично информирани луѓе кои знаат дека медот не е лек, туку тоа се производи кои се храна која на организмот му ја подобруваат функцијата за да може да се бори со болестите,“ вели Спасовски и додава дека последните неколку години се појавуваат и фалсификатори на медот.
РСЕ: Може ли да се контролира?
„Може. Прецизна метода за контрола на вештачкиот мед кој нема ништо заедничко со медот, е тоа што медот се состои од витамини, минерали, но и од прости шеќери. До пет насто во медот има сложени шеќери кои се граница на природен мед. Сложените шеќери во медот се од 4 до 4 ипол отсто во медот, тоа е толку што пчелите не можат со своите ензими да го преработат при собирање на нектарот во природата. Зарем тоа е занемарливо!“, вели Спасевски.
И овој долгогодишен пчелар вели дека медот и производите од него ги продава на негови постојани купувачи, зашто според него овој бизнис функционира врз база на доверба.