Достапни линкови

Сушата го јадe органскиот мед


Илустрација.
Илустрација.

Последните седум до десет години климатските промени негативно се одразуваат врз производството на органски мед. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека се намалени произведените количества мед за 44 проценти.

Сушата го погоди органското производство на мед, се пожалија пчеларите од поширокиот битолски регион. Тој изобилува со еколошки терени, но органското производство го има сè помалку. Критериумите за добивање на оваа здрава храна не дозволуваат прихранување на пчелите со шеќер или нивно поместување во полето каде што има наводнување.
Последните седум до десет години не погоди сушата многу, односно климатските промени. Не можиме да го преместуваме пчелните семејства во Пелагонија каде се наводнува.
Менде Трајковски, здружение „Некатар“ од Битола.

„Местоположбата на пчеларниците за органско производство треба да биде минимум оддалечена три километри од некој извор на загадување, во дијаметар од три километри да нема индустриски култури. Го немаме многу органскиот мед. Последните седум до десет години не погоди сушата многу, односно климатските промени. Не можиме да го преместуваме пчелните семејства во Пелагонија каде се наводнува и од тие причини помали се количините на производство“, изјави Менде Трајковски од здружението „Некатар“ од Битола.

Од сушата се намалува појавата на цветни растенија, па пчелите остануваат без храна и кај нив се јавуваат болести. Во битолскиот регион засега има 20 пчелари што се занимаваат со органско производство, а другите се конвенционални производители. Намалените количества мед придонесоа да поскапи овој еколошки производ.
Нашите слабо купуваат, Грци ако дојдат, но и тие бараат ниска цена. Во друштвото е речено да се продава по 250 денари за килограм, а лани беше 220 денари.
Ѓорги Николовски, пчелар.

„Луѓето почнуваат да бидат свесни ја бараат органската храна, но финансиската моќ е таа која диктира дека не можат многу да купуваат. Иако јас органскиот мед го продавам по иста цена колку и конвенционалниот“,вели пчеларот Атанас Митревски.

„Нашите слабо купуваат, Грци ако дојдат, но и тие бараат ниска цена. Во друштвото е речено да се продава по 250 денари за килограм, а лани беше 220 денари“, изјави пчеларот Ѓорги Николовски.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека се намалени произведените количества мед за 44 проценти. Заменик-министерот за земјоделство Зоран Kоњановски најави активности за едукација на пчеларите како да се справат со последиците од климатските промени.

„Со глобалното затоплување и со низа други непогоди се јавуваат болести кај пчелите. Свесни сме за оваа ситуација, па затоа сакаме да го подобриме системот за давање советодавни услуги, на некој начин да им „залепиме“ по еден советник, кој правилно ќе ги советува во однос на користење пестициди, препарати против болести на пчелите и друго“, изјави Kоњановски.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG