Само десеттина дена по успешното претставување на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со „Експериментален цртеж“ во Палата Луцерна во Прага, „чешко-македонската уметничка врска“ ќе резултира и со нова ликовна средба, но овојпат во Скопје. Во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, од 23 септември до 7 октомври, ќе се одржи заедничката изложба на нашата Петра Јовановска и на Јиржи Кованда, еден од најпрестижните концептуални чешки творци.
Кругот како геометриски облик е една голема, симболична и силна алатка која и понатаму може да се користи во некоја друга сфера. Да не биде доминантен во моите дела, но сепак да си добие некоја своја линеарна функција.Петра Јовановска, уметница.
Станува збор за две различни творечки приказни, два различни пристапа кон уметноста и единствената допирна точка, всушност она што може суштински да ги поврзе обата автори Петра Јовановска и Јиржи Кованда е љубовта и предаденоста кон уметноста и секако Република Чешка – земјата на нивното раѓање.
„Кругот е затворен“ е најновиот творечки упат на Јовановска во кој се претставени универзалноста, магијата, симболизмот, алхемијата, животворноста, како делови од широката палета идеотеки за неговата примена. Кругот за неа претставува единство, целина и бесконечност. Нешто без почеток и крај, без страни и агли.
Оваа изложба се состои од документи за моите перформанси од средината на 1970-те досега. Покрај нив на неа има неколку објекти и инсталации направени специјално за ова случување. Тоа е она што токму сега го работам. Значи станува збор за многу, навистина многу современи дела.Јиржи Кованда, уметник.
„Техниката во која што работи е мултимедијална. Таа тргнува од нејзиниот матичен медиум – графиката, па преку фотографија, цртеж, слика, колаж, продолжува да експериментира. Го користи поп-артистичкиот стил на мултпликација на таа форма, дава многу мали наративи, различни или исти и креира една многу интересна, дури и интригантна, хипнотизирачка претстава за тоа како таа го разбира кругот“, вели Ана Франговска, куратор на оваа изложба.
Уметницата, пак, истакнува дека за неа кругот е една голема, симболична и силна алатка која и натаму ќе остане во сферата на нејзините идни потраги.
„Кругот како геометриски облик е една голема, симболична и силна алатка која и понатаму може да се користи во некоја друга сфера. Да не биде доминантен во моите дела, но сепак да си добие некоја своја линеарна функција“, вели Јовановска.
Од друга страна, Франговска, говорејќи за Јиржи Кованда, знае да каже дека е пресреќна што Националната галерија на Македонија успеала во Скопје да го донесе овој врвен концептуален чешки автор кој на светската уметничка мапа е позициониран во рангот на нам добро познатата Марина Абрамовиќ. Вели дека во рамките на неговата „Ретроспектива“ македонската публика ќе има можност да проследи постановка во која на документаристички начин се прикажува она што тој го работел во последните 40 години од неговото творештво.
Објаснува дека Кованда се појавува на чешката сцена со своите први акции во средината на 70-тите, а главно станува збор за минималистички перформанси што ги изведува во јавна средина и со ефемерни дејствија. Настапите во јавен простор за него се траги што се документираат, а нивното презентирање со помош на документаристичките црно-бели (често аматерски) фотографии со кратки описи на перформансите е наменето за галериски простор и за поширока комуникација со публиката. Информативноста во окупирањето на галерискиот простор била единствен начин да се презентира концептуалната уметност внатре, во затворен простор.
По неколкугодишна пауза, во последните десетина години уметникот е повторно мошне активен и ги следи своите почетни идеи од 70-тите, изведувајќи нови перформанси, нови интервенции, нови дела, а ретко реинтерпретирајќи ги старите.
„Ќе имаме можност да видиме еден мал пресек на тоа што суштински значела концептуалната уметност во 1970 години и како се приоѓало кон уметноста како ефемерност од една страна, од друга страна како живеење на секојдневието на поинаков начин. Значи издвојување на условно апсурдни работи кои што ги правиме ние во секојдневниот живот и нивно прогласување за уметност“, ќе рече Франговска.
За големиот чешки концептуалист, иако така насловена, ова и не е само ретроспективна изложба. Тој вели дека таа всушност е посвета на некогашните негови инсталации и перформанси.
„Оваа изложба се состои од документи за моите перформанси од средината на 1970-те досега. Покрај нив на неа има неколку објекти и инсталации направени специјално за ова случување. Тоа е она што токму сега го работам. Значи станува збор за многу, навистина многу современи дела“, вели Кованда.