Власта ја подрива толеранцијата во општеството

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнуваат дека во земјава постои доминантна улога на Владата, отсуство на независност на судството и на владеење на правото.

Со низа настани и активности, неколку граѓански организации од земјава ќе се приклучат кон одбележувањето на меѓународните датуми за одбележување на мирот, толеранцијата и човековите права. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнуваат дека во земјава постои доминантна улога на Владата, отсуство на независност на судство и законодавната власт, и на владеење на правото.

Бевме сведоци на еден изборен процес во којшто институциите на системот беа целосно употребени како алатки заради извојувањето на победата на партиите на власт.
Уранија Пировска, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

„Бевме сведоци на еден изборен процес во којшто институциите на системот беа целосно употребени како алатки заради извојувањето на победата на партиите на власт“, изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Џабир Дерала.

Од невладината Цивил потенцираат дека постои системски напад на сите кои имаат различно мислење од она на власта. Сметаме дека овој напад без преседан го дестабилизира македонското општество и дека нападот врз оние кои се загрижени за човековите права и слободи не го заслужуваат моменталниот третман од институциите и поголемиот дел од медиумите кои ги контролира власта, вели Џабир Дерала од Цивил.

Ако ги погледнеме индексите за мир, за човекови права, за демократија, за владеење на правото и низа други категории кои се однесуваат на развојот на една земја и една демократија, Македонија стрмоглаво паѓа. Тоа паѓање не е случајно, ниту е плод на некаков заговор против Македонија, тоа е реалност.
Џабир Дерала, Цивил - центар за слобода.

„Ако ги погледнеме индексите за мир, за човекови права, за демократија, за владеење на правото и низа други категории кои се однесуваат на развојот на една земја и една демократија, Македонија стрмоглаво паѓа. Тоа паѓање не е случајно, ниту е плод на некаков заговор против Македонија, тоа е реалност“, изјави Дерала.

Пировска додава дека во моментот во Македонија постои невидена поделба по етничка основа, постои поделеност на медиумите и како што нагласува се конструираат процеси и судски постапи коишто дополнително ја подгреваат етничката нетрпеливост.

„Партиите на власт наместо на сето тоа да дадат одговор којшто на крајот ќе доведе до тоа да постои политика на негување на културата на различните етнички заедници само ја подгрева таа состојба и води кон апсолутно уривање на толеранцијата во државата по сите основи“, вели Пировска.

Од овие организации уверуваат дека се во постојан контакт со граѓаните и дека ги слушаат нивните проблеми. Според нив, загрижувачки е фактот што во истиот момент кога граѓаните ќе слушнат дека треба да почнат судска постапка, се чувствуваат како да добиле смртна пресуда.

„Без слобода не може да има мир, без правда и човекови права и слободи нема да има мир во Македонија. Тоа е индикатор кој сериозно зборува дека Македонија не е ниту мирна, ниту стабилна земја“, изјави Дерала.

Целта на овие симболични активности е да се придобијат граѓаните и нивната доверба, да им се приклучат на невладините организации и заедно со нив да ги одбележат меѓународните денови на мирот, толеранцијата и човековите права.