Во Париз конференција за заканите од Исламската држава

На денешната конференција во Париз беше постигната согласност за, како што е наведено во заедничкото соопштние, соодветна воена помош на Ирак во борбата против милитантите на Исламската држава. Во документот се оценува дека справувањето со милитантите е итна задача за меѓународната заедница. Сепак, во него не се наведува прецизно за каков вид помош станува збор.

Францускиот претседател Франсоа Оланд на отворањето на конференцијата изјави дека станува збор за глобална опасност и затоа одговорот мора да биде глобален.

Ирачкиот претседател Фуад Мадум пак, побара брза воздушна кампања против милитантите на Исламата држава, бидејќи како што рече, оваа екстремистична организација би можело да порасне уште повеќе доколку не се преземе итна акција.

Ирачкиот претседател Фуад Мадум

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека скоро 40 земји се согласиле да учествуваат во глобалната борба против милитантите на Исламската држава пред тие да освојат повеќе територии во Ирак и во Сирија.

„Уверен сум дека ова ќе биде широка коалиција на арапските држави, европските земји, Соединетите Држави и другите за секој аспект од она што претседателот Обама го изложи како стратегија неопходна за ослабување и уништување на милитантната организација Исламска држава“, изјави Кери.

На списокот на 25 земји кои се поканети во Париз ги нема Иран и Сирија.

Уверен сум дека ова ќе биде широка коалиција на арапските држави, европските земји, Соединетите Држави и другите за секој аспект од она што претседателот Обама го изложи како стратегија неопходна за ослабување и уништување на милитантната организација Исламска држава.

Соединетите држави беа против предлогот на Франција на конфренцијата да учествува и Иран, додека против Сирија беа повеќе западни земји кои сметаат дека токму Дамсак е дел од проблемот од кој произлезе сегашната ситуација.

Претходно неименуван американски официјален претставник обелодени дека неколку арапски земји се понудиле да покренат воздушни напади против позициите на Исламската држава.

Соединетите Држави бараат и сојузници кои се подготвени да испратат копнени сили, бидејќи Вашингтон соопшти дека нема намера да влегува со војници во Ирак и Сирија.

Досега само Франција јавно соопшти дека им се приклучува на американските воздушни акции во Ирак со разузнавачки летови. Австралија пак понуди шестотини свои војници и десет авиони.

Според американската администрација, за воено учество на некоја земја би се сметало и снабдување со оружје, како и секаков вид обука. Како клучни во борбата против милитантите на Исламската држава се сметаат муслиманските земји.

„На крајот на краиштата, ова е судир внатре во исламот, во сунитскиот ислам“, изјави претставникот на Белата куќа Денис Мек Доно. Претседателот Обама минатата недела најави поагресивна акција против екстремистите.

Досега американските напади се фокусирани само врз цели на милитантие во Ирак, а во тек биле и подготовки за слични напади и во Сирија.

Во меѓувреме, Исламската држава предизвика голем бес во меѓународната јавност откако објави видео на кое е прикажано обезглавување на британскиот хуманитарен работник Дејвид Хејнс.

Претходно исламистите објавија слични видеа на обезглавување на двајца американски новинари. Британскиот премиер Дејвид Камерон вети дека убијците ќе бидат изведени пред суд.

Во видеото, егзекуторот го обвини Кемрон дека бил, како што рече, послушно куче во сојузот на злото кој го влече него и неговиот народ во уште една крвава војна во која не може да се победи.