Буџетски парадокс - Ем поголем економски раст, ем помали приходи

Со предложениот ребаланс на буџетот се предвидува дека економскиот раст ќе биде поголем од претходно планираните 3,2 отсто, односно дека ќе се движи од 3,5-3,7 отсто. Од друга страна, приходите се кратат за скоро 44 милиони евра.

Откако при носењето на буџетот за 2013 година, власта ги исфрли пратениците од опозицијата, при носењето на ребалансот за годинава, опозицијата сама си излезе од Собранието, иако на напуштањето на пратениците на ДПА на собраниските клупи му претходеше тепачка со пратениците на владејачката ДУИ, токму во собраниската комисија за финансирање и буџет.

Ако навистина има поголем раст мора да има поголеми приходи во буџетот по основа на даноци и други видови приходи, пологично од тоа нема. Како е можно да имаме поголем раст, а помали приходи јас не знам да објаснам.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

Откако без опозиција, комисиската расправа за ребалансот помина „мазно“, за народните пари пратениците денеска одлучуваат на собраниска седница.

Со предлогот за ребаланс, приходите се кратат за скоро 44 милиони евра, а расходите за околу 22 милиони евра. Од друга страна, се проценува дека економскиот раст ќе биде поголем од претходно планираните 3,2 отсто, односно дека ќе се движи од 3,5-3,7 отсто.

Потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, вели дека е нелогично економскиот раст да е поголем, а приходите во буџетот да се намалуваат.

Секој ден и владата и премиерот и министрите ни кажуваат тоа што тие мислат дека во моментот е прикладно да биде споделено со јавноста, но реалноста секој ден ги демантира.
Биљал Касами, универзитетски професор.

„Теоретски и практично тоа не е можно. Ако навистина има поголем раст мора да има поголеми приходи во буџетот по основа на даноци и други видови приходи, пологично од тоа нема. Како е можно да имаме поголем раст, а помали приходи јас не знам да објаснам“, вели Узунов, кој се сомнева дека буџетскиот дефицит ќе биде уште поголем од она што го прикажува владата.

Со предложениот ребаланс се предвидува буџетската дупка да се прошири за уште 22 милиони евра, односно на скоро 319 милиони, што е 3,9 отсто од БДП-то. До ова доаѓа откако владата само во првите седум месеци од годинава потроши 251 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки. Најголемиот дел од дупката беше направена во првите четири месеци од годинава, односно пред изборите. Тогаш беше направен буџетски дефицит од дури 200 милиони евра. Според опозицијата, со тие пари власта „ја купуваше“ наклонетоста на гласачите пред изборите.

На крајот на мај годинава, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека смета оти владата нема да го надмине проектираниот дефицит за годината.

„Во останатиот дел од годината во однос на субвенциите, бидејќи веќе сме исплатиле повисок износ на почетокот на годината, сега ќе имаме помали исплати. Сметам дека е сè уште рано да се каже дали ќе имаме потреба од ребаланс, ќе почекаме уште месец, два и некаде кон средината на годината ќе процениме дали има потреба и ако има потреба – колкава потреба има за ребаланс и колкав ребаланс би се правел“, изјави Ставрески пред три месеци.

Сепак, и покрај најавите на Ставрески, буџетскиот дефицит се зголемува од првично предвидените 3,5 на 3,9 отсто од БДП-то.

Универзитетскиот професор Биљал Касами вели дека во Македонија нема институција што ќе им даде на граѓаните точни информации за буџетот и за јавните финансии.

„Сè што ни кажува владата не може во моментот да се земе како точно. Секој ден и владата и премиерот и министрите ни кажуваат тоа што тие мислат дека во моментот е прикладно да биде споделено со јавноста, но реалноста секој ден ги демантира. Сепак, имајќи предвид каква е медиумската ситуација во земјава, тие успеваат на некој начин да го прикријат тоа“, вели Касами.

При образлагањето на ребалансот пред собраниската комисија за финансирање и буџет, Ставрески рече дека ребалансот се прави за да се обезбедат повеќе пари за автопатот Демир Капија-Смоквица, но од друга страна најголемо кратење во буџетот има токму кај капиталните расходи.