Господине Камчев, каков епилог очекувате од војната со санкции меѓу Русија и Западот. Русија несомнено ќе претрпи големи штети од санкциите, но нечепнати нема да останат ниту западните земји, односно европските економии. До кога ќе трае ваквата ситуација?
Се чини дека прикриената или еве да кажеме субјективна воена кампања на Русија во источна Украина е влезена во некакво лимбо, во некаков ќор-сокак, во еден почеток без крај, каде Москва постојано одложува една објективна копнена воена интервенција и се глуми дека се бараат преговори меѓу востаниците и украинската власт, а од друга страна средбите на високо ниво, како на министрите за надворешни работи на Франција и на Германија, на Русија и на Украина во Берлин, и на таа во Женева на која учествуваше и државниот секретар Кери во април, не вродуваат со плод и не даваат цврсти гаранции за прекин на огнот од двете страни. Интересен индикатор дека Москва бара претекст или причина за копнена инвазија во Украина, откако се виде дека хуманитарниот конвој составен од 300 камиони, помош што таа го испрати во Луганск и Доњецк, наиде на политички пречки од страна на Црвен Крст и нема одобрување од страна на украинската власт, е тоа што таа најави дополнителни санкции, дополнително ембарго всушност, за увоз на автомобили и лекови од страна на западните земји. Ова ембарго, вели владата, е ако Западот воведе дополнителни санкции кон Русија, а САД и Европската унија ќе воведат такви санкции доколку Москва воено интервенира во Украина и се вмеша. Значи логиката на Кремљ е ако настапи со воени трупи да биде чекор понапред од западот со една закана од ембарго за лекови и автомобили правејќи со тоа раководствата на земјите од ЕУ чија индустрија за лекови цвета од испораки за Русија и чии автомобили тука се продаваат како алва, да се поколебаат тие европски земји и покрај тешкотиите што ги имаат со ембаргото за извоз на месо и овошје. Значи Москва на некој начин купува време и сериозно се подготвува до крајот на август воено да интервенира во Украина.
Верувате дека ќе интервенира воено?
Да, така изгледаат постапките на Москва, се ми се чини дека руската чизма ќе стапне во источна Украина пред објавувањето на првичните резултати од истрагата за соборувањето на боингот, што ОН го најавија за крајот на август, а Холандија за почетокот на септември. Значи тој момент би бил вистински почеток на војната бидејќи знаеме кон кого ќе се покаже со прст за паѓањето на авионот.
Добро, но што понатаму? Москва ќе влезе воено во Украина, како ќе реагира западот?
Па видете, тоа е само еден чекор од кампањата што Русија ја води против Украина. Војната веќе започна и сега е само прашање на време, според мои проценки, објавувањето на резултатите од истрагата би биле критични и јас верувам дека Москва тогаш ќе интервенира за да се направи некаква галама во меѓународните односи и со тоа да се намали значајноста на тој момент, на објавувањето на резултатите од истрагата.
Каков епилог очекувате од таа криза во Украина? Кога ќе заврши, како ќе заврши, кој е излезот?
Најверојатно ќе трае барем до крајот на оваа година. Неблагодарно е да се прогнозира, бидејќи Украина сè уште се смета за суверена земја и таа територијално ќе се брани од нападите на проруските сепаратисти. Сè е во рацете на Путин, доколку тој види дека има некаков напредок, дека неговите барања се, ако не целосно, барем половично покриени, тој би ја деескалирал ситуацијата. Не верувам дека тоа ќе се случи набрзо, можеби до крајот на годинава, но не до крајот на август.
Дел од европските земји, особено оние со силни бизнис врски со Русија, се противат на ваквата ситуација и бараат дипломатски пристап кон проблемот. Имено, тие не се согласуваат со заострување на санкциите и ќе претрпат големи економски штети поради ембаргото од Москва. Може ли тоа да доведе до разногласие во Унијата во одговорот кон Москва и со тоа да и дадат повеќе простор да реагира?
На некој начин Москва со ембаргото што го воведе за увоз на прехранбени производи во Русија и со ова што го најавува сега на некој начин работи на тестирање и на раскринкување на европската солидарност. Не верувам дека европската јавност ќе подлегне на тие закани, макар и со големи загуби. Јас сметам дека ќе бидат солидарни, како земјоделците што се солидаризираат сега со кризата во Украина. Јас, како што веќе пишував и реков, главен чинител беше паѓањето на Боингот, тие исто така се солидаризираат со тоа. Јас верувам дека и автомобилската индустрија и фармацевтите од ЕУ исто така ќе се солидаризираат и ќе ги послушаат своите влади, така што не би правеле политички проблеми во врска со воведување на некакви нови идни санкции кон Русија.
Но, земјите кандидати за членство во ЕУ не го следеа западот во проширувањето на санкциите кон Русија, туку почнаа да прават планови како да го искористат ембаргото што го воведе Русија и да земат дел од рускиот пазар. Колку може балканските земји да профитираат од трговските санкции што ги наметна Москва кон западните земји?
Ова сега е еден вакуум период, бидејќи Македонија и некои балкански земји не се членки на ЕУ и може да профитираат. Јас мислам дека би можел да се искористи овој период сè додека бирократите од Брисел не решат и не реагираат да се сопре тоа. Многу од тие прехранбени производи кои досега доаѓаа од тој регион, на пример од Грција или од Хрватска, но пред сè од Грција, бидејќи Грција продава околу 300-400 илјади тони овошје, зеленчук и ореви годишно во Русија и тие количини би можеле да ги заменат другите балкански земји, така што тие би можеле да профитираат сè додека Брисел не реагира и не каже дека тоа е неправилно.
Велите дека Брисел може да ги притисне балканските земји да се приклучат кон санкциите против Русија, но што ќе им понуди Брисел? Знаете, од една страна е финансиската корист од трговијата со Русија, а од друга страна што ќе им понуди ЕУ да бидат на нејзина страна?
Тоа што веќе им е понудено во процесот на пристапување во ЕУ, има разни фондови што тие може да ги користат, можеби ќе има некакво нагодување, но сите се надеваат дека ситуацијата ќе деескалира, дека оваа ситуација е вештачки создадена, дека ќе деескалира и дека ќе се вратат на некој начин претходните трговски патишта меѓу ЕУ и Русија. Се надеваме дека тоа ќе се случи, ако не до крајот на оваа, барем до почетокот на наредната година. До тогаш не верувам дека ќе има некакви реакции од Брисел на трговците од Балканот што би го искористиле овој период од неколку месеци.
Општ впечаток е дека пошироката јавност во Македонија е понаклонета кон проруската отколку кон украинската страна во тој конфликт во источна Украина. Зошто е тоа така?
Овде сè е јасно. Ги знаеме тие наши атавистички источњачки стравови од другиот, а во нашиот случај тој другиот е НАТО, американската империја, таканаречениот запад итн. Ние сè уште лечиме трауми, како од Првата и Втората балканска војна од почетокот на минатиот век. Тогаш тој другиот беа Османлиите. Тие трауми тлееја, тие братоубиствени војни кои во меѓувреме се случија се запалија повторно во Трета балканска војна во 90-тите години од минатиот век кога „злиот волк“, нели Америка, заедно со Германија, ја растурија бившата заедничка земја – Југославија, а потоа и НАТО интервенираше и станаа „зликовци“ и сега што може да се очекува со такво поимање на светот освен отворени симпатии за Путин, па и хистерична одбрана на неговата таканаречена правотија, чија пропагандна машина употребува само еден запчаник и неколку штрафови од својот сложен механизам за добро да ги мести таквите јавни мненија како балканските.
Поради случувањата во источна Украина запре проектот Јужен тек. Еве Бугарија ја стопираше градбата по барање на Брисел. Очекувате ли гасоводот да продолжи да се гради затоа што и Македонија треба да добие крак од тој гасовод?
Не, не очекувам, бидејќи ова е во склоп на санкциите што ЕУ веќе ги воведе кон Москва и во тие санкции убаво се наведува дека не смеат да им се даваат разни технолошки производи и „know how“ на Русите, меѓу другото и од нафтената индустрија, а ова е поврзано со енергетиката и нафтената индустрија и Јужниот тек како таков засега ќе биде запрен, т.е. ќе биде ставен во мирување или можеби и замрзнат сè додека не се расчисти кризата во Украина и бугарската влада постапува според тие барања, таа кажа дека Јужен тек се запира и изградбата на тој енергетски проект е во фаза на мирување.
Но, кога ќе завршува оваа криза во Украина, што понатаму?
Тогаш би се одело како што беше и пред кризата, Москва би можела да лобира и би можела и да успее кај тие битни европски земји како што се Австрија, Италија и еве сега Хрватска која исто така соопшти дека сака да учествува во тој проект. Значи, доколку заврши кризата, доколку деескалира ситуацијата и доколку бидат кренати санкциите против Русија, јас би бил оптимист дека би можел да се реализира тој проект, но се додека кризата трае, се додека има воени интервенции во источна Украина, не би кажал дека тој проект би можел да почне да се развива.
И за крај, Москва во последните неколку години го шири своето влијание и на Балканот и во Европа. Може ли Русија да почне да го извезува и својот политички модел во Европа, имајќи предвид дека и во ЕУ, а на Балканот поготово, се појавуваат лидери со авторитарни тенденции? Орбан на пример, а Унгарија е членка на ЕУ.
Тука има неколку контрадикторности, а тоа е политичкото уредување во тие земји каде што би можел да се воведе тој путинистички модел на управување, а тоа е таканаречена суверена демократија, тоа е вертикална власт и тоа е некаква псевдо-либерална демократија. На некој начин тие земји можеби би го копирале однесувањето на Путин како лидер со цврста рака, но не би можеле да го копираат политичкиот систем на Русија, бидејќи на Русија ѝ е интересно да влијае економски со свои енергетски проекти како што е Јужниот тек, со извозот на нафта и гас, со другата своја специфична индустрија што ја има, но не би кажал дека Москва би настојувала да го извезува својот модел. Видете, Русија настапува таму каде што има интерес и руската дипломатија, руската мека моќ е присутна и на Балканот и во Источна Европа и во зависност од непријателствата што постоеле во историјата меѓу Советскиот Сојуз и тие земји во минатото, зависи популарноста таа руска моќ. На Балканот е многу повеќе популарна отколку во Источна Европа и затоа гледаме дека има многу поддржувачи на тој режим, на Путин како цврста рака, на Путин како некаква икона на Балканот, отколку во Источна Европа, која традиционално гледа поинаку во Русија поради тие историски трауми.