Стефановски со шанса за триумф во Гран при на ФИНА

Маратонецот Томи Стефановски, по победата на маратонот во езерото Сен Жан, со 46 бодови изби на првото место во вкупниот пласман, и има реални шанси да стане првиот Македонец кој триумфирал во Гран при серијата маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА).

Пливачот Томи Стефановски има реални шанси да стане првиот Македонец кој триумфирал во Гран при серијата маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА). До оваа историска можност 43-годишниот Стефановски дојде откако пред 20-тина дена го повтори минатогодишниот успех и мина прв низ целта на маратонот во езерото Сен Жан, а една недела подоцна, исто така во Канада, беше седми на трката на Магок. По овие резултати, Томи со 46 бодови изби на првото место во вкупниот пласман, што за него не е изненадување.

Јас се надевав бидејќи за прв пат на најдолгиот маратон во Аргентина имав трето место и особено на овие маратони во Канада и претходно бев добар. На пример, на овој маратон каде што победив, во последните 4 години имам трето, второ и две први места.
Томи Стефановски, пливач.

„Јас се надевав, бидејќи за прв пат на најдолгиот маратон во Аргентина имав трето место и особено на овие маратони во Канада и претходно бев добар. На пример, на овој маратон каде што победив, во последните 4 години имам трето, второ и две први места. Така што, таму кога одам, изненадување е секогаш е за тука, меѓутоа таму сум секогаш во најтесниот круг. А, и јас баш за тој период ја темпирам и формата“, изјави Стефановски, кој пред точно 5 години (на 14-ти август 2009-та година), го преплива и каналот Ла Манш.

По ваквиот развој на настаните, Томи сега е најсериозен кандидат за освојување на светската титула, за што во преостанатите две трки, ќе треба да го задржи водството од 5, 7 и 11 поени, што го има пред вториот Жоан Едел (Франција, 41 бод), третиот Завиер Дешарне (Канада, 39) и четвртиот на листата, актуелниот светски шампион Дамјан Блаум (Аргентина, 35 бодови).

Првите седум од ранг листа се тука, плус од Европско ќе дојдат два - тројца. Така што, ќе има 10-11 луѓе кои што ќе конкурираат за пиедесталот. Јас ќе дадам максимум и на крајот ќе видиме.
Томи Стефановски, пливач.

Ветеранот е свесен дека тоа нема да биде ни малку лесно, но и најавува беспоштедна борба, пред се на маратонот кој на 23-ти август ќе се одржи во Охрид. Според листата на учесници, тоа ќе биде убедливо најквалитетниот натпревар сезонава, што кај нашиот маратонец носи дополнителен мотив за испишување нови историски страници во светското маратонско пливање.

„Првите седум од ранг листа се тука, плус од Европско ќе дојдат два - тројца. Така што, ќе има 10-11 луѓе кои што ќе конкурираат за пиедесталот. Јас ќе дадам максимум и на крајот ќе видиме. Тоа е тоа, значајно е да дадам се од себе, да знам кога ќе излезам од вода дека не сум се чувал. И се надевам дека ќе бидам на пиедесталот, па ако победам ќе поставам некои репери што не знам дека во догледно време некој ќе ги постигне. Да бидеш победник и во Гран при серија на трка и на генералниот ранкинг, на 43 години, тоа во догледно време не гледам кој би го постигнал“, додаде единствениот Македонец победник на ГП трка и човекот кој (со триумфот во Сен Жан) минатиот месец повторно го подобри светскиот рекорд за најстар шампион на еден пливачки маратон.


Инаку, последниот маратон од годинашната светска серија ќе се одржи на 7-ми септември во Капри (Италија), а шанси за конечен висок пласман има и ланскиот планетарен вицепрвак Евгениј Поп Ацев. Тој во моментов е шести со 29 бодови, два помалку од петтопласираниот Симоне Ерколи (Италија). На листата има уште двајца Македонци, 12-тиот Александар Илиевски (16 бода) и 30-тиот (од 33 маратонци) Дејан Младеновски (2 бода).