Достапни линкови

Евгениј Поп Ацев - светски вицешампион во маратонско пливање


Евгениј Поп Ацев, македонски пливачки маратонец.
Евгениј Поп Ацев, македонски пливачки маратонец.

Македонскиот маратонски пливач Евгениј Поп Ацев е светски вицепрвак во Гран при серијата во маратонско пливање, со само еден бод помалку од првопласираниот Дамјан Блаум од Аргентина.

Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев е светски вицепрвак во Гран при серијата во маратонско пливање. Овој, историски успех на македонското пливање, 24-годишниот Поп Ацев го постигна откако на осумте годинашни трки освои 61 бод, само еден помалку од првопласираниот во генералниот пласман, Аргентинецот, Дамјан Блаум. Ваквиот епилог изненади многумина, што не е случај и со нашиот најдобар маратонец.
Не сум изненаден. Се надевав дека годинава ќе го подобрам успехот од претходната година. Малку се изненадив што многу се приближив и до првото место. Но, знаете кога цела година тренирате се надевате секогаш на подобар резултат од претходната година.
Евгениј Поп Ацев, пливач.

„Не сум изненаден. Се надевав дека годинава ќе го подобрам успехот од претходната година. Малку се изненадив што многу се приближив и до првото место. Но, знаете кога цела година тренирате се надевате секогаш на подобар резултат од претходната година“, изјави дипломираниот стоматолог, кој во претходните две сезони беше трет во Гран при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).
Евгениј Поп Ацев.
Евгениј Поп Ацев.

Јас генерално сум задоволен. Сега, знаете, секогаш постои вака да беше, онака, но тоа е спортот. Така што, ако почнам да се навраќам сега наназад, секоја трка, еден бод е многу мала разлика. И, секако дека ми е малку криво, но јас и со второто место бев презадоволен. Тоа го кажав уште пред маратонот во Охрид.
Евгениј Поп Ацев, пливач.
Неговиот успех годинава можеше да биде уште поголем, бидејќи од лидерската позиција го делеа само 6 секунди. Тоа е временското заостанување зад Белгиецот Брајан Рикеман, кој победи на последната трка во Капри (на 1-ви септември), каде што Евгениј мина втор низ целта. Доколку го освоеше првото место во Италија, тоа ќе значеше и триумф на Поп Ацев во вкупниот пласман. Евгениј не крие дека тоа предизвикува мала разочараност кај него, но и не го намалува задоволството од постигнатото.

„Јас генерално сум задоволен. Сега, знаете, секогаш постои вака да беше, онака, но тоа е спортот. Така што, ако почнам да се навраќам сега наназад, секоја трка, еден бод е многу мала разлика. И, секако дека ми е малку криво, но јас и со второто место бев презадоволен. Тоа го кажав уште пред маратонот во Охрид (претпоследната трка), да завршам втор или трет би бил презадоволен. Така што, би било малку неблагодарно сега ако кажам дека сум незадоволен“, додаде стипендистот од меѓународна категорија на Агенцијата за млади и спорт.

Сепак, сега апетитите се зголемуваат, а јавноста во наредната сезона очекува освојување на светската круна. Поп Ацев е свесен за тоа и најавува дека има сили за да одговори на предизвикот.

„Па, така е. И самиот веќе себе си правам притисок за следната година да го подобрам резултатот. Се чувствувам способен. Малку самоуверено, но мислам дека се чувствувам способен. Годинава бев околу таа позиција, но се надевам дека догодина ќе имам уште подобри настапи и со тоа да стигнам и до првото место“, истакна на крајот Евгениј Поп Ацев.

Инаку, сезонава по историски успех ќе ја памети и вториот наш пливачки маратонец, Томи Стефановски. Тој стана првиот Македонец кој триумфирал на една трка од Гран при серијата (Сен Жан во Канада), а во генералниот пласман го освои четвртото место (со 51 бод, два помалку од третопласираниот, Италијанецот Симоне Ерколи).
XS
SM
MD
LG