Анализа и нова стратегија за Рамковниот договор

Недостасува прецизна анализа на постигнатото, како и на тоа што треба да постигне Рамковниот договор, посочуваат дел од експертите.

По 13 години од потпишувањето на Рамковниот договор, се наметнува потребата од нова стратегија за негово понатамошно имплементирање, бидејќи недостасува прецизна анализа на постигнатото, како и на тоа што тој треба да постигне, како во однос на неговите цели, така и во однос на мерките што ги предвидува, посочуваат дел од експертите.

Ми се чини дека сега можеби е време за еден нов поглед, една анализа што функционира, што не функционира и како во наредните 5-10 години го подобриме функционирањето на тие мерки.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

„Ќе биде голема грешка ако сè се сведе на правичната застапеност, бидејќи другите делови се исто толку важни, можеби и поважни за мултикултурното ткиво на Македонија. Ми се чини дека сега можеби е време за еден нов поглед, една анализа што функционира, што не функционира и како во наредните 5-10 години го подобриме функционирањето на тие мерки“, истакнува политичкиот аналитичар Сашо Клековски.

Ако го анализираме од аспект на меѓуетничкиот соживот, ретко кој денеска е задоволен од тој аспект.

Затоа што погрешно се тргна, се тргна да се бара победник и поразен, тука беше целата приказна. Кога бараш победник и поразен, тука не може да се направат ни стабилни односи, ни стабилна држава.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Затоа што погрешно се тргна, се тргна да се бара победник и поразен, тука беше целата приказна. Кога бараш победник и поразен, тука не може да се направат ни стабилни односи, ни стабилна држава. Затоа велам, Македонија е тука каде што беше во 1996, 1997 година или пред војната“, вели политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

Меѓуетнички тензии има и тие главно ги покажуваат слабостите на Рамковниот. Според едни, тоа е почетната поставеност и чувството со кое се прима овој документ кај заедниците. Тргна со чувството на победници и поразени, подоцна се покажаа и сите аномалии на сегрегацијата на разни нивоа. Образованието во прв ред, но и медиумите, а пред сè политичките партии.

„И ова етничко, а не идеолошко засновање на политичките партии е генератор на кризи во меѓуетничките односи, бидејќи натпреварот не е на подобри идеолошки проекти, туку е етнички натпревар, што неминовно создава тензии во меѓусебните односи“, додава Клековски.

Политичарите од чувари на етничките права се претворија во одлични менаџери на тензиите кога тие се потребни како инструмент за постигнување политички цели, посочува Демири.


„Таквото менаџирање мене ми се чини дека е од стравот на ДУИ и од хипотеката дека еднаш направи војна и дека не смее тоа да си го дозволи по втор пат“, вели Демири.

Голем дел од проблемите кои ние ги гледаме како меѓуетнички тензии, денес потекнуваат од социјалните проблеми, посочуваат експертите, така што нивното надминување зависи од решавање на проблемите со загрижувачката сиромаштија и невработеноста.