Кој се офајди од владините реклами?

Архивска фотографија.

Владата најави нова кампања која треба да ги научи граѓаните да се хранат здраво. Истата ќе чини околу половина милион евра.

Тенеденцијата на Владата да ја подигнува јавната свест преку рекламни кампањи продолжува со неодамнешната најава за нова кампања која треба да ги научи граѓаните да се хранат здраво. Истата ќе чини околу половина милион евра, или речиси исто толку колку што беа потрошени на кампањите за оптимизам и почитување на добрите вредности, за зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето, за промоција на семејните вредности, за поттикнување на добрите навики на граѓаните за подобрување на туризмот и други.

Тука доаѓа прашањето на поткупување на медиумите, контролирање на медиумите преку тие кампањи, па дури и прашањето на перење на пари.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал.

Од Транспаренси Интернешнал велат дека намената за подигнување на свеста кај граѓаните е добра, но проблемот е во тоа што во земјава има премногу кампањи кои имаат популистички компоненти и кои промовираат одредени политики кај граѓаните без давање можност за развој на критичката свест. Но, најголем проблем, според Слаѓана Тасева, е сумата пари која се троши и постапката на спроведување која остава сомнеж за многу злоупотреби.

Не може владата или министерствата конкретно да се рекламираат за своите работи. Тие имаат обврска, за тоа се платени со буџетски средства, а сега плус и за реклами.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

„Тука доаѓа прашањето на поткупување на медиумите, контролирање на медиумите преку тие кампањи, па дури и прашањето на перење на пари зашто видовме дека преку тие консултантски куќи преку кои се организираат кампањите, всушност се извлекуваат пари коишто се користат за друга намена“, вели Слаѓана Тасева.

Од позиција на поранешен антикорупционер, Ариф Муса вели дека кампањите не треба да ги реализира Владата, туку невладини или непрофитни организации, оти вака се остава простор за злоупотреба на државните ресурси за промотивни цели и протекционизам помеѓу избраните агенции.

„Не може владата или министерствата конкретно да се рекламираат за своите работи. Тие имаат обврска, за тоа се платени со буџетски средства, а сега плус и за реклами“, вели Муса.

Тасева вели дека, иако обврска на власта е трошењето на парите да биде информација од јавен карактер, проблем е што тоа не се прави, а транспарентноста и отчетноста се само фрази.

„Треба да постои информација, транспарентност, отчет и тоа да предизвикува одговорност таму каде што не е испочитувано, но очигледно кај нас не постојат институции. Тие што постојат се направени да постојат само формално“, вели Тасева.

Според Муса, ефектите од овие кампањи се контрапродуктивни оти не постои комуникација со граѓаните и со јавноста и зашто нема дебати и други активности околу кампањата. Муса вели дека сепак крајната цел на Владата е да ги задржи своите гласачи и да ги придобие потенцијалните.

„Секогаш се прави за да се добие визуелен ефект или да се добиваат потенцијални гласачи“, вели Муса.

Владините реклами започнаа уште во 2008 година. Единаесет кампањи во само една година буџетот го чинеа речиси 7 милиони евра. Наголемо се рекламираат и активностите на министерствата, општините и јавните претпријатија. Од Владата досега не излегоа со официјални информации по кои критериуми се распределуваат рекламите и кои се ефектите од нив.