Самиот наслов говори дека станува збор за еден пристап кон уметноста којшто реферира кон традицијата и минатото, а веројатно не постои подобар простор од овој каде што е поставена оваа камерна изложба, во Куќата на Робевци каде што токму традицијата доаѓа до вистинскиот израз.
Темата на сликите кои што се изложени е да биде прикажан дел од нашето национално културно богатство, фактички орнаменти, детали и од таму практично е изведено името на изложбата „Патинирани цитати“. Таа се базира на византиската традиција, на црковното сликарство, на накитот, носиите и т.н.Мирчо Матевски – Рисимкин, сликар.
Ова ќе го потенцира професор д-р Иван Џепаровски од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје на отворањето на „Патинирани цитати“, изложбата на ликовниот уметник Мирчо Матевски – Рисимкин, што Илинден до 7 август се одржува во Охрид. На оваа постановка е претставен избор од 16 дела, масло на платно, настанати во последниве четири години кои се селектирани од циклусот што на скопската ликовна публика и беше предочен пред нецели пет месеца во Галеријата на Младинскиот културен центар.
Промената на местото на живеење е само по себе едно драгоцено искуство. Се запознаваш со некои нови моменти, навики, култури, менталитети, така што тоа е еден вид на збогатување на личното знаење и култура.Мирчо Матевски – Рисимкин, сликар.
„Ова се дела настанати во изминативе години по моето враќање од Австралија. Темата на сликите кои што се изложени е да биде прикажан дел од нашето национално културно богатство, фактички орнаменти, детали и од таму практично е изведено името на изложбата „Патинирани цитати“. Таа се базира на византиската традиција, на црковното сликарство, на накитот, носиите и т.н. Меѓу моментите кои ги инспирирале овие дела посебно зрачи писменоста, глаголицата како прво словенско писмо кое е создадено на овие простори и потем проширено во сите словенски земји како историска придобивка“, појаснува Матевски.
Роден 1961 година во Скопје, Мирчо Матевски – Рисимкин своето формално уметничко образование го започнал во средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, за да потем дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димитар Кондовски. Во 2012 година магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски, а член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од далечната 1984 година.
Повеќе од една декада живеел и творел во Австралија (1998 – 2009), а по враќањето работи како педагог во интернационалната гимназија „НОВА“ во Скопје.
Уметникот зад себе има три самостојни изложби и повеќе групни претставувања во земјава и во странство, а како што знае да каже д-р Џепаровски, во неговото творештво е особито бележита и потребата кон тежнение за поврзување на културите.
„Промената на местото на живеење е само по себе едно драгоцено искуство. Се запознаваш со некои нови моменти, навики, култури, менталитети, така што тоа е еден вид на збогатување на личното знаење и култура. Се работи за проширување на сопствените видици и гледањата на тоа што другите луѓе работат, начинот на кој тоа го прават. Дефинитивно тоа е нешто што може само да ви користи во одредени ситуации“, вели уметникот.
Инаку, не е исклучено „Патинирани цитати“ наскоро да се најдат во уште неколку галерии во градовите во Македонија, а запрашан за следниот свој исчекор, Матевски знае да каже дека тој продолжува да слика со истиот жар и дека веќе се подготвува за својот нов проект за кој смета дека е прерано да се говори во јавноста.