Придонесите за хонорарците и со добри и со лоши страни

Невработеност на младите, намалување на невработеноста или бришење на невработените, сиромаштија и нееднактовст, како и придонесите за хонорарците се дел од темите за кои анализита Марија Башевска автор на студијата „Политиките на пазарот на труд и сиромаштијата во Македонија 2008-2013” на Левичарското движење „Солидарност“. Башевска е магистар по европска економија и меѓународни финансии и асистент на Економскиот факултет на универзитетот ФОН.

Стапката на невработеност иако се намалува, се уште е многу висока во европски рамки. Најниска стапка на активност и вработеност се јавува кај младата популација и кај лицата со најнизок степен на образование. Зошто младите се невработени?

Стапката на невработеност кај младата популација е исклучително висока и според последни статистики е на второ највисоко ниво во европски рамки по она на Босна и Херцеговина. Причините за високата невработеност кај младите лица се должи пред се на малите можности за вработување во земјата, ниско ниво на креирање на нови работни места. Овој проблем особено е изразен за млади и неискусни работници, што пак од своја страна е резултат на малата спремност на работодавците да инвестираат во обучување на млади работници кои го бараат своето прво вработување, обично повеќе се склони да вработуваат лица кои веќе имаат работно искуство. Друга причина секако е и несовпаѓањето на образовниот профил со побарувачката на пазарот на труд.

Зошто има голем родов јаз кај активното население?

Најчестите причини што се наведуваат како фактори за високата неактивност на жените на пазарот на труд во Македонија се однесуваат на традиционалната улога на жените во домот, степенот на образованието, како и дополнителните приходи што семејствата може да ги остваруваат, на пример дознаките од странство. Меѓутоа вистинските причини кои доведуваат до изразен родов јаз е навистина тешко да се утврдат, бидејќи не постојат соодветни статистики на државно ниво кои го анализираат овој феномен на висока неактивност на женската работоспособна популација, бидејќи едноставното вклучување на процентот на жени коишто се изјасниле како домаќинки, како единствен аргумент во прилог на традиционалната улога не жените во домот, сепак не ни укажува на причините кои ги наведуваат жените да ја прифатат таа улога во домот. Значи без соодветна анализа на степенот на дискриминација на работното место, пристапот до градинки, можноста за флексибилно работно време на мајки на мали деца, и други дополнителни фактори, тешко е да се тврди дека доминантна причина за ниска стапка на активност на жените на пазарот на труд е исклучиво таа традиционална поделба на улогите во домот.

Велите дека анализите укажуваат на загрижувачки тренд на намалување на вработеноста и раст на невработеноста кај високообразованите лица од 2008 до 2013 година. На што се должи тоа?

На овие трендови влијае од една страна зголемувањето на учеството на лица со терцијарно образование во вкупната работна сила, а од друга страна несовпаѓањето на профилите на работници кои се барани на пазарот на труд. Преовладува понудата на работни места со пониски квалификации. Стимулативните политики во доменот на високото образование, како што се дисперзираните студии, резултираа со квантитативно зголемување на високообразованите кадри. Меѓутоа доколку се погледнат од друга страна податоците од анкетата за слободни работни места за 2012 и 2013 години на Државниот завод за статистика, се забележува дека најголем број на слободни работни места, според занимања, има за работници во услужни дејности, продажба, односно за елементарни занимања. Доколку и во наредниот период трендот на најголема понуда на слободни работни места остане доминантно во набројаните занимања, би се очекувало дека стапката на вработеност кај лица со високо образование би продолжила да бележи намалување.

Најголемиот процент на невработени лицанспаѓаат во категоријата долгорочно невработени лица. Како да се реши проблемот со оваа категорија невработени?

Дури 82 проценти од невработените се долгорочно невработени, а најголемиот дел, околу 61 проценти бараат работа повеќе од 4 години. Опасноста е што лицата кои се долгорочно невработени се изложени на намалување и губење на нивните вештини и квалификации и со тоа дополнително влошување на можностите за вработување. За надминување на овие високи стапки на долгорочна невработеност, освен што е потребно повисоко ниво на креирање на нови работни места, потребни се и стимулативни и активни политики на пазарот на труд кои се наменети токму за оваа категорија на граѓани. Политики кои нема да имаат краткорочни ефекти и нивно привремено ангажирање во извршување на работни ангажмани со кратко траење, како што претежно досега беа активните политики на пазарот на труд, наменети за оваа категорија на граѓани, туку ќе се фокусираат на активности коишто ќе ги одржуваат и надгледуваат нивните квалификации и ќе им помогнат во креирање на реални услови за вработување или самовработување.

Во изминатите години бројот на невработени се намалува многу побрзо отколку што расте бројот на вработени? Каде се тие граѓани што веќе не се водат како невработени, но не се вработиле? Колку на сето тоа имаат влијание сите тие политики и промени во начинот на евидентирање на невработените?

Во случајов зборуваме за регистрираната невработеност и вработеност во Агенцијата за вработување на Република Македонија. Податоците од Агенција кои се однесуваат на прилив и одлив на регистрирани нови склучени договори за работа и регистрирани невработени лица укажуваат на меѓусебно противречни опаѓачки трендови и кај регистрираната невработеност и кај регистрираната вработеност. Во анализираниот период од 2009 до 2013 година бројот на нови регистрирани вработувања се намалува за околу 31 проценти, а се намалува истовремено и бројот на регистрирани невработени лица за околу 50 проценти. Промените во законите секако влијаеја на начинот на евидентирање на невработени лица, промените придонесоа за намалување на бројот на регистрирани невработени лица, но трендовите на регистрирани вработувања и регистрирана невработеност укажуваат на потреба од сериозно преиспитување на процесите на регистрација на невработените лица и условите по коишто тие се бришат од евиденција. Се поставува прашањето што се случува со сите оние лица кои исчезнале од евиденција на невработеност во анализираниот период. Дали станува збор за лица кои преминале во неактивни, продолжиле со образование, заминале од земјата, станале неплатени домашни работници или, пак, се лица коишто останале да работат во сивата економија. Она воведување на потесна дефиниција при евидентирањето на невработени лица не би смеело да доведе до запоставување на оваа категорија на пасивни невработени лица и ниво третирање како неактивно работно население. Потребно е да се утврди дали лицата коишто се изјаснуваат како неактивни баратели на работа тоа го прават од неинформираност или, пак, навистина не вложуваат некоја активност во барањето на работа. Во спротивно државата остава впечаток дека повеќе сака да го реши проблемот со невработеноста на административен начин, значи преку воведување на потесна дефиниција за невработеност, отколку преку вистински мерки коишто можат долгорочно да придонесат за намалување на невработеноста во земјата. Во ваков случај, она што би се зголемувало не е бројот на вработени лица, туку бројот на неевидентирани невработени лица. Иселувањето секако влијае на овие бројки, но не знаеме точно во колкава мера, не ја знаеме точната бројка, бидејќи не постојат официјални државни статистики во моментов во однос на бројот на иселени лица од земјава, а последниот попис е од 2002 година, така што оние бројки со коишто се служиме се бројки од меѓународни институции, најчесто Еуростат и не можеме точно да одредиме за колкава бројка станува збор, меѓутоа секако влијае врз таа бројка.

Расте јазот меѓу богатите и сиромашните во земјава. Што прави државата да го намали тој јаз? И што треба да прави?

Растот на нееднаквоста во земјата е резултат на континуирано отсуство на систематски политики насочени кон решавање на овој проблем, кои исто така силно се рефлектираат кон зголемување на сиромаштијата. Се должи на самата поставеност на политиките во доменот на даноците и регресивната структура на социјалните придонеси. Во последните седум години дистрибутивните ефекти на растот одеа во прилог на оние со повисоки примања на сметка на најранливите категории на граѓани. Потребна е промена на регресивната структура на социјалните придонеси, зголемување на висината и враќање на прогресивните стапки на оданочување на персоналниот данок на доход. Тој рамен данок едноставно влијае на регресивната структура на оданочување. Исто така потребно е надминување на дестимулациските елементи за вклучување во пазарот на труд кај примателите на социјална помош на тој начин што ќе им биде овозможено истовремено примање на социјална помош и остварување приходи од работа до некои одредено ниво. Исто така зголемување на издвоените буџетски средства за активни мерки за намалување на сиромаштијата и овозможување на пристап на ранливите категории на граѓани до бесплатен здравствен систем. Исто така тука би додала дека и покрај високото ниво на сиромаштија и нееднаквост, издвоените буџетски средства за активни мерки за намалување на сиромаштијата се навистина на ниско ниво и се намалени споредено со 2008 и 2009 година.

Владата најави дека ќе мора да се плаќаат придонеси за пензиско и за здравствено осигурување и за хонорарците. Ќе им ја подобри ли таа мерка состојбата на ваквиот тип скриени вработени?

Сакам прво да напоменам дека и во самата студија има анализи коишто се однесуваат на движењата и состојбите во Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување и тие анализи укажуваат на драстично намалување на придонесите во овие фондови, посебно по законските измени со што се намалија стапките за придонеси во однос на 2008 година, така што се јавија сериозни буџетски проблеми што треба од некаде да се надоместат, државата веројатно веќе нема сили да ги надополнува тие дупки. Во однос на начинот на којшто ќе се одразат овие промени во однос на хонорарните работници би можело да има еден позитивен ефект којшто ќе се одрази во тоа што овие лица ќе имаат здравствено и пензиско осигурување, иако здравствено осигурување можеа да имаат и досега, можеа да го платат самите, меѓутоа ете да речеме во однос на пензиското осигурување. Меѓутоа, сепак мислам дека доколку се согледаат негативните ефекти, тие би можеле да бидат поголеми и тие пред сè ќе зависат од спремноста на работодавачите да го зголемат износот на хонорарите за висината на придонесите, бидејќи од досегашните најави видовме дека хонорарците се тие коишто самите ќе треба да ги плаќаат придонесите, а не работодавачите. Прашање е колку работодавачите ќе бидат спремни да ги зголемат хонорарите во бруто износ со што би можела да се надополни онаа дупка од придонесите коишто хонорарците ќе треба да ги плаќаат во фондовите. Имајќи го предвид фактот дека работодавачите постојано се обидуваат да ги намалат трошоците за трудот, тогаш е многу извесно дека овие промени би можеле директно да се одразат на намалување на хонорарите и на примањата на хонорарните невработени лица и на тој начин ќе влијае и на зголемување на материјалната несигурност на овие лица. Би можело дури и да влијае на зголемување на ранливата категорија на граѓани. Тоа исто така, не смее да се заборави и да не се земе предвид, би можело исто така да влијае и на сивата економија, затоа што доколку овие хонорарци околу 40 отсто од примањата коишто ги имаат ќе мора да ги дадат како надомест за фондовите би можело да влијае и на обострана одлука и на работодавачите на оние коишто ги примаат хонорарите да се одлучат тоа да го направат на нелегалниот начин и да не го пријават тој приход. Ова се само можни насоки во коишто би можеле да се однесуваат двете страни.