Република - Бихаќка ги јаде своите деца
Во манирот на холивудските блокбастери, сценаристите од скопската уличка, од најголемиот партиски маченик и херој за кого се организираа протести пред судот, успеаја да направат предавник.Република.
Со асоцијативен наднаслов дека „Бихаќка ги јаде своите деца“, и со фотографии на неколкумина поранешни членови на СДСМ кои се „одметнаа“ од партијата, Република во најновиот број пишува дека закрвеноста во опозицијата влегува во својот зенит. „Еден ден херој, друг ден предавник“ е насловот на анализата која се занимава со случувањата во врска со Мирослав Шиповиќ по излегувањето од осуммесечниот притвор и воздржаниот глас за фамозните ДУП-ови за Водно и за „барокизацијата“ на ГТЦ. Во манирот на холивудските блокбастери, сценаристите од скопската уличка, од најголемиот партиски маченик и херој за кого се организираа протести пред судот, успеаја да направат предавник, забележува неделникот, и како главна причина ја наведува безидејноста на раководството на СДСМ.
Толкава камелеонштина и политички кванташки пазар какви што се случија во Општина Центар, години наназад не се имаат случено во другите делови на Македонија.Фокус.
Глобус - Кој полага сметка на крајот на денот?
Дури сега ништо не се знае, што е со предавството на Шиповиќ, пишува на истата тема он-лајн магазинот Глобус во анализата со наслов: „Кој полага сметка на крајот на денот?“ За да наведе дека провладиниот портал „Курир“, збунет како и власта, бара одговор од опозицијата - дали е Шиповиќ регрутот на ДПМНЕ или, пак, човекот кој се обиде на лукав начин да ги спаси и ДУП-овите за Центар за сметка на опозициските гледања на архитектурата и да оневозможи тие да се стават на дневен ред уште некое време? Некои типови веќе плачат над бизнисот вреден 620 милиони евра! - лаконски наведува Глобус.
Фокус - Епопејата Центар - ОСКУДАЦИЈА на морал
И Фокус ја посветува својата воведна колумна на случајот со Шиповиќ, насловена како: „Епопејата Центар - ОСКУДАЦИЈА на морал“. Преку оваа општина, пишува неделникот, особено се разголува алчноста, безобразлукот, ароганцијата и будалаштините на најмоќната, ама и најзабеганата транзициска врхушка - преродбеничката. Неделникот наведува дека толкава камелеонштина и политички кванташки пазар какви што се случија во Општина Центар, години наназад не се имаат случено во другите делови на Македонија. Во Центар се гледа потврда за уште една карактерна особина на вмровскиот циклон - не само да ги сотреш „непријателите“, туку и да ги дотераш да се чувствуваат како мивки. Да ги ничкосаат: Велија да има грижа на совест за ќерката и братот што лежат в затвор поради него, Бошкоски да се понижува и да праќа јавни писма со извинување за да не остане семејството без имот, а Шиповиќ, со помош на притворот да си ја поништи сета своја досегашна политичка филозофија, ем брата си на душа да го носи, зашто да не беше претседавач не ќе имаше ниту полициска акција „Претседавач“. Ете колкава оскудација на морал за време на преродбата - посочува Фокус.