Регионалното поврзување на берзите е добро затоа што значи зголемување на пазарот, но за да се случи посериозно раздвижување на берзанското работење, потребно е поголемо раздвижување на економијата. Ова е оценката на експертите со кои разговаравме, откако пред десетина дена берзите во Македонија, Хрватска и Бугарија потпишаа договор за регионално поврзување и формираа заедничка компанија.
Во ситуација на просперитет, инвеститорите се движат и така беше и кај нас. Инвеститорите и од регионот доаѓаа кај нас, иако немаше формално поврзување, а сега не е таква состојбата, сега има општо еден поголем инвестициски песимизам.Верица Хаџи Василева-Марковска, инвестициски консултант.
Верица Хаџи Василева-Марковска од консултантската куќа ААГ вели дека регионалното поврзување на берзите е генерално добра работа.
„Ова е сигурно еден од начините полека да почне нешто да се случува на берзите, меѓутоа дека нешто сериозно од тоа ќе се случи, мислам дека нема да се случи. Во ситуација на просперитет, инвеститорите се движат и така беше и кај нас. Инвеститорите и од регионот доаѓаа кај нас, иако немаше формално поврзување, а сега не е таква состојбата, сега има општо еден поголем инвестициски песимизам и поради тоа инвеститорите се плашат да влегуваат во поголеми тргувања“, вели Хаџи Василева-Марковска.
Мислам дека ќе поттикне, пред сè кај странските инвеститори, преку еден поедноставен и олеснет начин на можност за инвестирање да бидат повеќе заинтересирани и поактивни и на македонскиот пазар на капитал.Александар Манев, инвестициски советник.
Таа сепак вели дека пазарот на капитал не е цел сам за себе, туку да им помогне на фирмите и ако им треба, тие самите ќе го разработат.
Инвестицискиот советник Александар Манев се надева дека со регионалното поврзување на берзите ќе се зголеми атрактивноста на македонскиот пазар на капитал.
„Мислам дека ќе поттикне, пред сè кај странските инвеститори, преку еден поедноставен и олеснет начин на можност за инвестирање да бидат повеќе заинтересирани и поактивни и на македонскиот пазар на капитал“, вели тој.
Манев се надева оти регионалното поврзување на берзите ќе овозможи и македонските граѓани да може да купуваат хартии од вредност во странство.
„Очекувам со заедничката платформа, ако се направи како што ја замислувам, затоа што немаше многу детали како сето тоа ќе се изведе, дека и македонските граѓани сепак ќе имаат можност на поедноставен начин да купуваат хартии од вредност и во странство. Доколку нели законската регулатива претрпи промени, пред сè Законот за девизно тргување кој досега забрануваше да се поседуваат странски хартии од вредност, депозити и останато“, вели Манев.
За половина година на Македонската берза се истргувани акции во вредност од 26,4 милиони евра. Најголем дел од прометот е направен во јануари годинава, а најслаб месец е април.