Уставни измени или после мене потоп?

Илустрација.

Според поранешниот министер за финансии Никола Поповски, дел од уставните измени ќе имаат далекусежни последици што би се чувствувале и по падот на оваа власт.

Уставните измени веќе втор ден се во собранието и покрај противењето на дел од јавноста. Таму, пак, ги нема опозиционерите, така што критиките се сведени на минимум и на неколку пратеници кои се одлучуваат да кажат нешто спротивно од предлозите на Владата. Без разлика на ваквата атмосфера, пак, се чини власта е одлучна да ги протурка своите осум предлози.

Тоа значи дека тие ќе го постигнат максимумот на дефицитот и на јавниот долг, а со Устав ќе го ограничат натамошното зголемување или промена што мислам дека дури може да се сфати дека владата сака буквално да направи една ситуација – после неа потоп.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии.

Според поранешниот министер за финансии, професор Никола Поповски, некои од нив ќе имаат далекусежни последици што би се чувствувале и по падот на оваа владејачка гарнитира. Тој се сомнева дека намерите на власта биле искрени, бидејќи, како што вели, таа е онаа која го подигнала дефицитот што сега сака да го ограничи со Устав до три отсто а јавниот долг до 60 отсто од БДП.

Архивска фотографија.

Така што можеме да очекуваме, реално гледано, како што се одвиваат работите кај нас, состојбите, приликите и неприликите што ги имаме, дека едно такво влијание, да не кажам притисоци, ќе се забележи од другите власти врз судската власт и врз судиите.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

„Мислам дека е дволично и дека служи само за, откако тие ќе си заминат еден ден од власт, никој веќе да не може да има поголем дефицит и со тоа да ја влошуваат состојбата на секоја наредна власт. Слично е и со ограничувањето за нивото на јавниот долг. Значи, оваа власт постојано ја задолжува Република Македонија и сега одеднаш сака, кога тој процес ќе се заврши од нејзина страна, до 2017-2018 година кога уставните промени во тој дел би стапиле во сила, да дојде до едно ниво на задолжување кое веќе никој нема да може да го зголемува поради уставните ограничувања. Тоа значи дека тие ќе го постигнат максимумот на дефицитот и на јавниот долг, а со Устав ќе го ограничат натамошното зголемување или промена што мислам дека дури може да се сфати дека владата сака буквално да направи една ситуација – после неа потоп“, вели Поповски.

Со вториот дел, пак, од предложените уставни измени што се однесуваат на работата на судската власт која и досега трпи критики за политичко влијание, според професор Осман Кадриу, нема да се направи ништо на подолг рок ако политиката не одлучела да ги тргне рацете од судството. Предлозите тој ги оценува како чекор напред од правна гледна точка, но само ако се отфрлела можноста од злоупотреби од законодавната и извршната власт кои досега, како што вели, го користеле нивното влијание.

„Така што можеме да очекуваме, реално гледано, како што се одвиваат работите кај нас, состојбите, приликите и неприликите што ги имаме, дека едно такво влијание, да не кажам притисоци, ќе се забележи од другите власти врз судската власт и врз судиите“, вели Кадриу.

Почетно, пак, кога при крајот на минатиот месец премиерот лично ги објави нивните предлози за измени, најмногу внимание предизвика предлогот за уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена. Но, тоа подоцна и од самите активисти против дискриминација на луѓето со различна сексуална ориентација беше оценето како политичко профитирање во кризна ситуација и дека без разлика дали ќе помине или не ќе ја засили дискриминацијата врз нив.

Инаку покрај овие владата предложи и формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива, промена на називот на Народната банка, воведување на институтот Уставна жалба и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.