Достапни линкови

Уставни измени - ДУИ против ДУИ


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Министерот за правда од редовите на ДУИ, Аднан Јашари, е поднесувач на предлогот за уставни измени, неизвесно е дали пратеникот Хазби Лика од истата партија ќе ги поддржи.

Аднан Јашари, новиот министер за правда од редовите на ДУИ, е официјален владин претставник во Собранието за уставните измени, а неговата матична партија во пресрет на денешната седница на Kомисијата за уставни прашања на чиј дневен ред се измените, соопшти дека не може да гарантира дека пратеникот Хазби Лика ќе гласа за владините предлози.

Има едно мислење внатре во ДУИ кое смета дека треба посериозно да ги сфаќаат проблемите на Албанците.
Арсим Синани, универзитетски професор.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Во ваква атмосфера денеска почнува собраниската процедура за осумте владини измени на Уставот, во која секој глас е битен, бидејќи мора да има двотретинско мнозинство за да бидат усвоени. За да поминат, потребни се 82 гласа поради што практично гласот на Лика е неопходен.

Аналитичарот Арсим Синани смета дека несогласувања меѓу владините коалициски партнери имало и досега, но дека сега се појавуваат и различни мислења внатре во ДУИ.

Ова ми гледа како ситно пазарење, бидејќи колку што може да следам пратениците досега ја следеа логиката на изјаснување на пратеничките групи.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

„Имаме нови ситуации и мислам дека работите нема да одат баш добро, мислам дека ќе има потешкотии. Има едно мислење внатре во ДУИ кое смета дека треба посериозно да ги сфаќаат проблемите на Албанците“, вели Синани и додава дека ако власта сега се обиде да бара поддршка и од опозицијата со која дијалогот е закочен СДСМ нема да попуштеле.

Според аналитичарот Сашо Клековски, пак, несогласувањата меѓу владините партнери и не се толку сериозни.

„Искрено да ви кажам ова ми гледа како ситно пазарење, бидејќи колку што може да следам пратениците досега ја следеа логиката на изјаснување на пратеничките групи“, вели Клековски.

Тој смета дека без разлика на калкулациите со бројките неопходни за гласање на измените власта мора да направи, како што вели, максимални и сериозни обиди и за поширок консензус со опозицијата.

„Мое очекување е власта да направи сè што е возможно да го продолжи дијалогот со СДСМ и со другите опозициски партии и да обезбеди нивно учество во донесувањето на уставните амандмани“, вели Клековски.

Инаку владата предложи осум уставни измени односно дефинирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена, ограничување на дефицитот на буџетот и на јавниот долг, формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива, промена на називот на Народната банка, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG