Продолжено празнично работно време за охридските угостители

Архивска фотографија.

Охридските угостители ќе добијат продолжување на работното време за два часа, но само за празници и позначајни културни настани во градот.

Угостителските објекти ова лето во Охрид ќе работат со продолжено работно време, но само за празници и позначајни културни настани во градот, за плус два часа. Иако угостителите сметаат дека продолженото работно време треба да се однесува на целата туристичка сезона, тоа ќе можат да го направат само неколку дена односно од 1 до 3 август, 8, 9 и 10и август и на 6, 7, и 8-ми септември и уште неколку дена за плус еден час.

На овој начин како локална самоуправа даваме импулс во поддршка за развој на туризмот и граѓаните на Охрид и на угостителските објекти.
Димитар Спасески, секретар во Општина Охрид.

„На овој начин како локална самоуправа даваме импулс во поддршка за развој на туризмот и граѓаните на Охрид и на угостителските објекти“, рече Димитар Спасески, секретар во Општина Охрид.

Сепак, угостителите од Охрид се жалат дека оваа туристичка сезона засега поминува многу слабо. Славе Келешоски, угостител од Охрид, вели дека е неопходно работното време да се продолжи затоа што со тоа би се зголемил прометот од и онака слабиот број на граѓани кои ги посетуваат рестораните.

Сезоната е таа и особено во јули и август никому ништо не треба да пречи. Треба кон гостите да бидеме потолерантни и тоа треба да го прифатиме како нешто нормално.
Славе Келешоски, угостител од Охрид.

„Секако треба да се продолжи. Исто така гласноста на музиката не треба да пречи. Секаде во светот каде што има туризам се живее разиграно и расположено. Сезоната е таа и особено во јули и август никому ништо не треба да пречи. Треба кон гостите да бидеме потолерантни и тоа треба да го прифатиме како нешто нормално“, рече Келешоски.

Јован Стојаноски, советник на СДСМ и професор на Факултетот за туризам во Охрид, вели дека она што го бараат угостителите е да има забава и раздвиженост во градот.

„Тоа е секако добро и таа одлука е носена секогаш во Охрид. Охрид како туристичка дестинација не е профилирана. Дали сме ние мирна и одржлива дестинација во која ќе имаме едно мирно работно време во кое луѓето до одреден временски период ќе може да се забавуваат или ќе го претвориме Охрид во дестинација која ќе биде бурна и ќе нуди многу забава и ќе ги привлече особено младите. Ние на овој начин имаме повторување на одлуки кои ги носиме секоја година и повторно немаме профилирање. Сега, како што е поставен концептот, стилот на Охрид е многу конфузен“, рече Стојаноски.