Буџетскиот дефицит ќе се зголемува

Архивска фотографија.

Власта соопшти дека еврообврзницата, меѓу другото ќе се троши и за финансирање на буџетските потреби за годинава. Пред само два месеци, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека пари за годинава има и оти еврообврзницата ќе се троши за догодина.

Буџетскиот дефицит и годинава ќе биде поголем од планираното, предупредува опозицијата и дел од економистите, откако власта соопшти дека еврообврзницата, меѓу другото ќе се троши и за финансирање на буџетските потреби за годинава.

За оваа година имаме обезбедено средства коишто се и од претходните позајмици што ги направивме.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии на 19.05.2014

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народната банка Димитар Богов од вчера се во поход по кредитори за најавената еврообврзница. Властите не соопштија за колку пари планираат да се задолжат поради тоа што во моментов тоа е „ценовно чувствителна информација“, но економските аналитичари проценуваат дека ќе бидат потребни неколку стотини милиони евра.

Или владата не може да успее да го покрие дефицитот врз основа на домашно задолжување и со користење на државните депозити, бидејќи во изминативе пет години енормно ги трошеше или понатаму значи дека владата ќе се откаже од сумата на дефицит која ја позиционираше во буџетот.
Кире Наумов, СДСМ.

Министерството за финансии деновиве соопшти дека издавањето на еврообврзницата „е со цел финансирање на буџетските потреби за оваа и следната година, како и за исплата на доспеаните обврски и обврските кои ќе доспеваат во наредниот период, вклучувајќи ја и издадената еврообврзница од 2005 година, која доспева во 2015 година“. Пред неполни два месеци, пак, Ставрески рече дека за оваа година има пари и оти еврообврзницата ќе се троши следната година.

Архивска фотографија.

„Тој износ треба, заедно со домашните обврзници да го покрие дефицитот за следната година и да овозможи нормална отплата на обврските што доспеваат следната година, бидејќи за оваа година имаме обезбедено средства коишто се и од претходните позајмици што ги направивме“, рече Ставрески пред неполни два месеци.

Ниту Ставрески се променил, ниту вкупното однесување на Владата на Република Македонија, едноставно тој продолжува да лаже. Секоја година го пробиваат претходно усвоениот дефицит.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Кире Наумов од СДСМ вели дека е зачудувачки што сега се соопштува дека еврообврзницата ќе се троши и за финансирање на буџетските потреби за оваа година, со оглед на тоа што во сите досегашни документи стои дека за оваа година се обезбедени средства. Ова покажува дека работите не одат според најавеното, вели тој.

„Тоа може да оди во два правци. Или владата не може да успее да го покрие дефицитот врз основа на домашно задолжување и со користење на државните депозити, бидејќи во изминативе пет години енормно ги трошеше или понатаму значи дека владата ќе се откаже од сумата на дефицит која ја позиционираше во буџетот и може да значи и очекуваме дека дефицитот нема да биде 3,5 отсто од од БДП-то, како што е планирано, туку ќе биде поголем“, вели Наумов.

Поранешниот гувернер на Народна банка Петар Гошев вели дека и годинава, како е претходните години, ќе се пробие планираниот буџетски дефицит од 3,5 отсто од БДП-то.

„Не се променило ништо, ниту Ставрески се променил, ниту вкупното однесување на Владата на Република Македонија, едноставно тој продолжува да лаже. Секоја година го пробиваат претходно усвоениот дефицит. Секоја година и конечно запишаниот дефицит во завршната сметка за Буџетот на Република Македонија што ја усвојува Собранието не е точен, туку е поголем. Тие едноставно го кријат дополнителниот дефицит во доспеаните неплатени обврски кон приватниот сектор“, вели Гошев.

Само во првите пет месеци од годинава, владата потроши 73 отсто од планираниот дефицит за целата година. Постојниот претставник на ММФ за Македонија, Патрик Житон, во интервју за Утрински весник во февруари годинава, рече дека наредната година Македонија треба да врати околу 670 милиони евра.